Нашата Македонија, држава на беспаќе

Трифун Костовски

 

Почитувани читатели, мојот животен век е патувачки. Благодарение на честите патувања некогаш и сега, спознавам и се надоградувам. Научив да ги увидам позитивните нешта имплементирани во секојдневниот живот во поедини држави, градови , села и области.

 

Желбата ми е токму тие позитивни впечатоци од културата и навиките на другите народи, да ги пренесам, предочам или предложам за пример како да си го подобриме секојдневието во нашата држава Македонија. Верувам дека за сите граѓани тоа би било прифатливо и значајно.

Сакаме чист воздух, здрава почва и храна, здрав живот и здрави поколенија, силно образование, силно здравство и чесно судство, со еден збор добар стандард кој би го направил животот на секој поединец подостоинствен.

Пишував, пишувам и ќе пишувам дур ме држи здравиот дух, за аномалиите во сите општествени пори од нашиот секојдневен живот. Очигледно е дека моите погледи кон суштинските дефекто во нашето секојдневие се прифатливи и разбрани само од моите сограѓани. Институциите во системот на централно и локално ниво се комплетно индиферентни за моето видување, укажување, апелирање и критички пристап.

Зошто ова се случува, сам ма себеси не можам да го објаснам! Што ни се случува со правдата, со правото на слобода, со чистиот образ….

Имаме руинирано образование и здравство, многу кревко стопанство и што е најболно, секојдневно го губиме нашиот вистински капитал- човекот.

Младиот, образован или стекнат со знаење мој сограѓанин, заминува од Македонија заедно со своето семејство, да ја гради иднината во туѓи држави. Повеќе пати повторувам дека човекот како поединец е фундаментот, вистинскиот капитал на секоја држава, водечката сила во градењето современо општество.

Го губиме капацитетот за човечката репродукција. Со тек на време ќе станеме држава налик на старски дом.

Сите сегменти во нашето секојдневие почнувајќи од институциите на централно и локално ниво, медиумите и социјалните мрежи се зафатени од духовниот малигнитет, болест на системско самоуништување.

Ќе споменам еден пример кој го доживеав минатата недела.

Војната во Газа зафати невидени димензии. Државата Израел врши геноцид во областа Газа, убивајќи и масовно раселувајќи го палестинскиот народ од сопствените територии. Ќе ја цитирам изјавата на Премиерот на Израел Натенјаху кој вели: „Ние одиме да го оствариме нашето ветување дека нема да има палестинска држава и дека појасот Газа ни припаѓа нам”.

Бруталноста на Израел се покажа со ракетните напади врз Катар, Јемен и Либан. Светот бурно реагираше на овие настани, меѓутоа нашите медиуми и државни институции молчат без да го осудат овој чин. Дали сме свесни како народ и држава дека со една одлука на големиот „императорот” Трамп, може да нѐ снема од земјината мапа?

Повеќе од јасно е дека за војната во Палестина постојат сериозни проекти за ширење на Израелската држава на туѓи територии. Се прашувам себеси, а и вас мои сограѓани, дали ваквите преседани денес стануваат реалност. Може и нас да нѐ снема како држава, доколку нашите соседи Бугарија, Грција и Албанија изготват проекти каде водечките држави имаат заеднички интерес за бришење на Македонија како држава, од мапата на светот.

Проблемот не е во нашите соседи, бидејќи сите имаат претензии кон нашите територии. Проблемот е во нас, во самите граѓани на нашата држава. Во изминатите 35 години не успеавме да создадеме стабилна држава за еден современ и достоинствен живот. Во изминатите 35 години како држава станавме најголеми питачи и коленичари, барајќи помош или поддршка за нешто што во современиот свет значи илузија. Питачи и коленичари никој не сака.

Може да нѐ снема како држава. Може да не растргнат болните амбиции на нашите соседи. Дали сме свесни за тоа или несвесно молчиме. Сакам здрава држава со здрави поколенија и визија за иднина. Не сакам држава оставена на беспаќе…

 

Back to top button
Close