СДСМ: Ќе поднесеме кривична пријава за откривање на креаторите на морбидната кампања на ВМРО-ДПМНЕ
Опозицискиот СДСМ најави дека ќе поднесе кривична пријава за откривање на сторителите на, како што велат, морбидната кампања на ВМРО-ДПМНЕ со која партијата се обидува да се претстави како жртва во јавноста.

СДСМ конкретно алудира на фотомонтажа објавена на веб-страницата www.ubijcitenakocani.com на која, испрскани со крв, се претставени ликовите на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на БЈБ, Александар Јанев. Претходно денеска, ВМРО-ДПМНЕ ги обвини опонентите дека стојат зад ваквата фотомонтажа, ги повика да се извинат, а институциите да го истражат случајот.
„Ваквиот обид само ја покажува слабоста на оваа власт, која ниту има проекти, ниту пак нуди политики. Најновата измислица на Мицкоски и ДПМНЕ денес е сеењето на магла дека некој барал ‘убиство на Мицкоски’. Имено, веб-страницата www.ubijcitenakocani.com е направена на 16.9.2025 и пополнета со содржина непосредно пред прес-конференцијата на партискиот портпарол, односно во 11 часот и 58 минути. Дали ова не е доказ дека истата е направена за нивните морбидни пиар-потреби?“,
велат од СДСМ.
Оттаму побараа ВМРО-ДПМНЕ да се извини за обидот за манипулација бидејќи во спротивно ќе биде поднесат тужба за клевета, а од институциите побараа ја проверат сопственоста на спорната веб-страница.
На најавата на опозиционерите дека ќе поднесат кривична пријава за случајот, од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека со ваквиот потег СДСМ се обидува да ја дефокусира јавноста и да се огради од, како што велат, повикот за убиство врз премиерот, министерот за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност.
„Кривичната пријава е доказ дека и тука, во оваа земја каде системот е распаднат токму поради нив, СДС, продолжувајќи по старо, сметајќи дека сè може да им помине. Тоа е како некој убиец да ја обвини жртвата дека сама си го организирала убиството“,велат од ВМРО-ДПМНЕ.