ВМРО-ДПМНЕ ги крие трошоците на кампањата за една година власт
Со собир пред Владата и под слоганот „Доаѓа времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените“, премиерот Христијан Мицкоски, во јуни ја одбележа првата година од мандатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Во отчетот пред јавноста не изостанаа фалбите изразени низ бројки – за изградени километри патишта, за покачени плати и пензии, за издвоени средства за бизнисите, општините, животната средина…
Но, кампањата што потоа под истиот слоган се пресели на социјалните мрежи и билбордите низ Скопје, овојпат финансирана од партијата, остана без некои клучни бројки – колку чинеше?
Од БИРН, преку барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, прашале во ВМРО-ДПМНЕ колкав е вкупниот буџет за кампањата и колкав дел од него е користен за нејзиното објавување.
Повеќе од два месеца, ВМРО-ДПМНЕ не одговора на барањата на БИРН за пристап до овие информации, иако тоа е нивна законска обврска. Таа беше воведена во 2019 година, со носењето на новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, кога за првпат и политичките партии беа вклучени меѓу субјектите што треба да одговараат на прашања поврзани со нивните финансии.
Целта на оваа измена беше обезбедување поголема транспарентност за трошењето на партиските пари, бидејќи од буџетот се двојат многу пари за политичките партии. Годишно, за оваа ставка се двојат 0,15 отсто од државниот буџет, што значи дека само за годинава, за работата на партиите ќе бидат потрошени околу 7 милиони евра.
Ова се клучните пари за работа на партиите. Така кај ВМРО-ДПМНЕ, на пример, во 2022 и во 2023 година, околу 90 отсто од приходите дошле директно од државниот буџет, при што на партијата за овие две години ѝ биле исплатени речиси 1,2 милиони, па 1,6 милиони евра. Лани, пак, инкасирала 1,7 милиони евра јавни пари, ама имала и доста донации бидејќи се работеше за изборна година кога партијата се врати на власт, меѓу другото и со ветувањето дека транспарентноста е меѓу нејзините приоритети.
Сепак, оттаму одлучиле да молчат за тоа колкав бил буџетот за нивната последна кампања, посветена на сработеното во првата година од преземањето на власта.
…