Почнува феминистичкиот фестивал „Еден свет, една борба” во Скопје

Од денеска до 21 септември првпат во Скопје ќе се одржува регионалниот феминистички фестивал „Еден свет, една борба“. Фестивалот обединува уметници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Словенија, Албанија, Украина, Швајцарија и Иран, претворајќи го Скопје во центар на регионален културен дијалог и соработка. Организатор е Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Канцеларија Скопје.

Овој фестивал претставува уникатна платформа за уметничко и општествено изразување, преку која регионални и европски уметници ќе говорат за најзначајните теми на нашето време, а тоа се родова еднаквост, феминизам, солидарност и социјална правда. Во текот на сите три дена, публиката ќе има можност да проследи театарски претстави, музички настапи, изложби и уметнички инсталации кои ја отвораат дискусијата за родот, слободата на изразување и правото на различност.

Фестивалот ќе почне во 19:00 часот во Македонскиот народен театар со свечено отворање и театарска претстава „Девојчиња“ од Србија, во режија на Милена Богавац.

На 20 септември, во 19:30 часот, во Музејот на современа уметност ќе биде изведена театарската претстава „Мојот таканаречен живот во Копенхаген“ од Босна и Херцеговина и Хрватска. Во 20:15 часот следува претставата „Злогласниот круг“ од Косово, како и перформансот „Погледи“ од Словенија, во 20:30 часот. Публиката ќе има можност да ја посети и изложбата „Гласови низ пламенот“ од Украина, инспирирана од новинарски сведоштва, и „Луѓето кои ме обликуваа: Кој ме направи феминистка?“ од Босна и Херцеговина. Вечерта ќе заврши со DJ сет.

Последниот ден, 21 септември, со почеток во 12:00 часот, Градскиот парк ќе стане сцена на повеќе настапи и перформанси: DJ сет на Вики Качакова од Македонија, партиципативната инсталација „Разврти го системот“ од Босна и Херцеговина, кратка изведба на претставата „Девојчиња“ од Србија, како и аудиовизуелниот перформанс „Реките не се враќаат наназад – флуидност и род“ од Швајцарија и Иран. На програмата ќе се најдат и музички настапи: „ДРАГА (Под нашата липа)“ од Србија со пејачката Бојана Вунтуришевиќ и хорот на „Рефлектор театар“, како и настапи на средношколски бендови од Северна Македонија.

Back to top button
Close