Минчев ќе ја рационализира јавната администрација за 40 отсто!

Партизацијата, пријателските и роднинските вработувања изминатите 30 години ја доведа администрацијата во ваква состојба, да биде нефункционална, гломазна, бавна и неефикасна, рече денеска министерот за јавна администрација Горан Минчев, најавувајќи ги новите пакет закони за усовршување и професионализација на државните службеници.

Како што истакна Минчев по потпишувањето на Меморандумот за соработка со францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, Владата е силно посветена на департизацијата на администрацијата, но и на нејзино рационализирање што е и обврска на државата за членство во ЕУ.

-Донесовме пакет од четири закони кои ги сметаме за чекор напред кон реформите на администрацијата. Еден од нив, за академијата, се однесува на едукација на администрацијата и тоа ќе биде клучен приоритет во наредниот период. Почнуваме не само со едукација на новите вработени во јавниот сектор, туку и со одржување континуитет на знаењето на останатите кои треба да ги следат модерните трендови и европскиот процес. Крајната цел е да им дадат подобри услуги на граѓаните. Значи, освен департизација, во следниот период почнуваме и нов процес со пакет три нови закони, за висока раководна служба, за плати и за организација и работа на органите на државната управа, рече Минчев, одговорајќи на новинарско прашање.

Тој најави и широка јавна расправа за законските решенија.

-Мислам дека имаме добра можност да почнеме со минимално кратење на т.н. управни и надзорни одбори или со усогласување на бројот на членови на тие одбори. Секако, ќе следи и спојување на одредени институции во други со што ќе влеземе во процес кој ни е обврска од ЕУ, а тоа 40 отсто кратење на буџетските корисници. Сведоци сме дека имаме голем број институции кои имаат по еден или двајца вработени или во минатото се направени за да задоволат нечии политички или партиски потреби. Сето тоа внимателно ќе го разгледаме и се надевам дека во идниот период, низ јавна расправа, ќе дојдеме до најдоброто решение – овие институции да влезат во рамки на другите за администрацијата да биде помала и поефикасна, подвлече Минчев

Back to top button
Close