Шукова: Време е за нов пристап и реални решенија за младите и нивното домување
Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, учествуваше на панел дискусијата „Домот како основна потреба, а не привилегија“ во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“, се наведува во соопштението од СДСМ.
Во своето обраќање, Шукова го истакна предизвикот што законот за домување во целост е во надлежност на централната, а не на локалната власт, и посочи дека е потребно да се отвори сериозна дебата, како и да се иницираат законски измени, со цел локалните самоуправи да можат да им помогнат на младите во справувањето со едно од најгорливите прашања – домувањето, кое претставува една од основните човечки потреби. Шукова на панелот го предложи виенскиот модел, со кој градот може да понуди станови и субвенционирана закупнина за младите до одредена возраст.
„Виена одлучила дел од давачките да им ги намали на оние што градат, за определен број станови. Тие станови инвеститорот ги отстапува на градот, а градот понатаму ги дава на категории граѓани, кои имаат потреба. Во Виена, овие станови ги користат млади лица. Јас сметам дека тоа е еден убав модел кој може да се примени и кај нас. Иако многу доцниме доколку ова се практикуваше пред 10 или 15 години денес ќе имавме солиден број станови кои младите ќе можеа да ги користат. Во таков случај, младите плаќаат само режиски трошоци, со обврска да го чуваат и управуваат станот според одредени правила и слично.“ – рече Шукова.
Шукова истакна дека, од друга страна, фондот на станови, имајќи предвид дека изградбата на згради е континуиран процес, ќе биде постојано обновуван и зголемуван. Ова, како што нагласи, можеби е амбициозна, но исклучително сериозна мерка која директно и суштински го адресира и решава проблемот со домувањето особено за младите. За ваков исчекор потребна е сериозна политичка волја, промена на постојните методологии за пресметка на комуналии и измени во неколку соодветни закони. Но, доколку тоа се постигне, оваа мерка би претставувала еволуција во решавањето на прашањето за домување на младите и единствен ваков пример во регионот, смета Шукова.