Герасимовски: Поставени столпчиња на улица „Костурски херои” за подобрување на сообраќајот, ги слушаме граѓаните
Општина Центар постави столпчиња на улицата „Костурски херои” кај Буњаковец со цел подобрување на сообраќајот и поголема безбедност на граѓаните. Со поставувањето на столпчињата, Општина Центар го реши проблемот со непрописното паркирање на автомобили и таксисти на улицата „Костурски Херои” кај Универзалната сала. Со оваа мерка, улицата стана функционална, подобрена е безбедноста на пешаците и овозможен е непречен проток на сообраќајот и слободното движење на граѓаните.
„Оваа идеја произлезе од барањата на центарци во рамки на караванот „Се гледаме во маало”, каде што граѓаните активно учествуваа со предлози и идеи за подобрување на населбите во кои живеат. Со поставувањето на столпчињата на овој дел од Буњаковец, покажуваме дека го слушаме гласот на граѓаните и ги реализираме нивните барања. Ветивме и реализиравме”, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Општина Центар ќе продолжи со спроведување на вакви мерки на територијата на општината со цел уредување на јавниот простор, подобрување на сообраќајот и зголемување на безбедноста на сите граѓани.