Општински оддел за јазици, Фонд за еднакво претставување, кои се механизмите за унапредување на соживотот кои ги предлага Бујар Османи?

Кандидатот за градоначалник на општина Чаир, Бујар Османи, денес во јавноста претстави серија конкретни механизми преку кои, како што рече, „ќе се врати достоинството на соживотот” и ќе се обезбеди правично и еднакво учество на сите заедници во јавниот живот.

Неговата најава доаѓа во време на сè поголеми тензии во јавната дебата и институционални отстапувања од принципите на Охридскиот рамковен договор, а Османи, со новиот модел, настапи како еден од ретките политичари што не остануваат само на декларативни изјави, туку презентираат системски решенија.

 

Во своето обраќање, Османи истакна дека Чаир не смее да остане заложник на реториката, туку мора да стане простор каде соживотот е практикуван, не само споменуван. Токму затоа, како прва мерка најави формирање на Центар за културен дијалог, симболично наречен „Куќа на соживотот”, кој ќе биде отворен простор за сите етнички и верски заедници.

 

Овој центар нема да има само културна, туку и едукативна функција: ќе организира манифестации, размена на искуства, младински програми и јавни дебати со цел да се гради доверба, разбирање и емпатија меѓу различните групи во општината.

 

Покрај симболичниот, Османи најави и институционален пристап за воспоставување на рамноправност во јавните политики, преку формирање на специјален Фонд за еднакво претставување.

 

Овој фонд, финансиран од буџетот на општината и поддржан со грантови од меѓународни партнери, ќе служи за конкретна поддршка на млади од маргинализирани заедници, жени, Роми, Турци и Бошњаци, преку стипендии, обуки, стажирања и локални иницијативи. „Секој што бил запоставен од институциите мора да добие фер шанса – тоа е суштината на соживотот”, истакна Османи.

 

Третиот механизам што го најави се однесува на јазичната рамноправност. Според Османи, Чаир ќе биде првата општина во која ќе функционира Општински оддел за јазици, кој ќе се грижи за целосна примена на Законот за употреба на јазиците, но и за инклузивност на помалите заедници преку официјална поддршка на турскиот, бошњачкиот и ромскиот јазик.

Во време кога власта, како што посочи Османи, „го укина балансерот и го игнорира мултиетничкиот карактер на државата”, неговиот план претставува обид за локален отпор и афирмација на плурализмот.

Особено внимание привлече најавата за создавање Совет за соживот – постојано тело составено од претставници на различни етнички групи, граѓански организации и експерти, кое ќе има мандат да предлага политики, следи случаи на дискриминација и работи на интеркултурна интеграција во образованието, спортот и урбаните политики.

 

Според Османи, Советот нема да биде политички декор, туку активно тело со влијание врз одлуките на локалната власт.

На крајот, Османи најави институционализација на 13 август – Денот на Охридскиот договор – како општински празник кој ќе се слави секоја година со програма на заедништво, спортски настани, културни манифестации и младински активности. Намерата, како што објасни, е да се етаблира култура на паметење и обнова на вредностите што го држат општеството заедно.

Со ваквиот настап, Османи испраќа силна политичка порака дека соживотот не треба да биде жртва на дневната политика и партиски калкулации. Тој го поставува Чаир како центар на отпор кон трендот на етничка изолација и го отвора прашањето дали е можно токму од локалното ниво да започне обнова на мултиетничката визија за Македонија

Back to top button
Close