Влада: Исплатата на 400 пожарникари е во тек, СДСМ шири лаги и невистини
Откако опозицискиот СДСМ обвини дека на четиристотините пожарникари што Владата најави дека ќе ги ангажира во општините досега не им била исплатена ниту една плата поради предизборниот период, Владата објави демант.

Оттаму соопштија дека документацијата за исплата на ангажираните пожарникари од страна на организаторот е во тек и ќе биде испратена до центрите за вработување, по што ќе следува и исплатата. Велат дека исплатата на овие лица не е никако поврзана со распишувањето на локалните избори, како што обвинува СДСМ.
„Средствата се обезбедени и не станува збор за никакво вонредно плаќање!“,велат од Владата.
Ја обвинија опозициската партија дека манипулира со фактите и шири лаги обидувајќи се, како што се наведува во владиното соопштение, да го наруши јавниот мир со невистинити приказни.
„Ова е првпат во историјата на нашата држава да се имплементира мерка за вработување која целосно ги искористува расположливите ресурси, со цел да се заштитат граѓаните од природни катастрофи и да се подобри животната средина. За разлика од СДС, ние работиме отчетно и транспарентно. Нашата работа продолжува да биде фокусирана на интересот на граѓаните, додека тие се заглавени во манипулации и измислици“ се додава во соопштението од Владата.
Претходно денеска, од СДСМ обвинија дека, според информациите што ги добиле од свиркачи, 400 млади луѓе ангажирани како пожарникари сè уште немаат земено ниту една плата, а причината за тоа, како што информирале извори од различни општини, било тоа што исплатата е блокирана и не може да се реализира поради локалните избори бидејќи станувало збор за „вонредно плаќање“.