Аеродромите во Берлин и Брисел предупредуваат на доцнења поради кибер напад
Аеродромите во Берлин и Брисел денеска се соочуваат со последиците од кибер напад, објави ДПА.
Според соопштението на веб-страницата на аеродромот во Брисел, компјутерскиот систем на давателот на услуги за пријавување патници бил нападнат синоќа. Се очекуваат значителни прекини во работењето на аеродромот, а се предупредува и за доцнења и откажувања на летови.
На аеродромот што го опслужува белгискиот главен град, пријавувањето на патниците во моментов се врши само рачно, додека давателот на услуги се обидува да го реши проблемот.
Патниците треба да ја проверат состојбата на својот лет пред полетувањето и да си дозволат доволно време за престој на аеродромот, соопшти давателот.
Германскиот аеродром Берлин-Бранденбург, исто така, објави дека давателот на услуги за патници бил нападнат синоќа. Аеродромот додаде дека последователно ги исклучил своите системи и ги предупредил патниците да очекуваат побавно време на пријавување и качување, како и можни доцнења.
-Самиот аеродром не бил цел на кибер нападот и бил само индиректно засегнат, соопшти аеродромот. Додаде дека истиот давател на услуги го користат многу аеродроми во Европа кои исто така биле погодени.
Лондонскиот аеродром Хитроу, исто така, објави на својата веб-страница дека летовите може да бидат одложени бидејќи надворешен давател на услуги за пријавување што го користат неколку авиокомпании во моментов решава „технички проблем“.
Сè уште не е јасно кои други аеродроми се погодени.
Аеродромите во Франкфурт и Хамбург во Германија изјавија дека не се погодени и дека работат нормално.