Шукова: Власта ги лажеше граѓаните на Скопје и ги остави да дишат отрови, одговорност мора да има

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Каја Шукова, остро реагира на односот на власта по пожарот во Трубарево. Таа посочи дека граѓаните на Скопје со денови биле изложени на високи концентрации на тешки метали – олово, арсен и кадмиум, додека власта молчела и ги уверувала дека опасност нема, се вели во соопштението од СДСМ, што МИА го објавува интегрално.

„Наместо навреме да алармираат и да преземат мерки, ВМРО-ДПМНЕ свесно ги оставија граѓаните да се трујат. Дури по шест дена беа објавени резултатите од мерењата, кои покажаа дека концентрацијата на кадмиум во воздухот била речиси 12 пати над дозволената граница, а и арсенот и оловото биле над максимално дозволените вредности,“ напиша Шукова на социјалните медиуми.

Таа додаде дека ова не е само негрижа, туку свесно загрозување на здравјето на луѓето: „Ова е лицето на власта што не знае за превенција, што не знае за заштита, што бега од одговорност и зад лаги ја крие сопствената неспособност.“

Шукова потенцира дека животот и здравјето на граѓаните не смеат да бидат жртва на лаги и политички калкулации и порача дека мора да има одговорност за ваквото однесување.

Back to top button
Close