Чадот од шумски пожари ќе убива до 1,4 милиони луѓе годишно до крајот на векот
Посебна студија, покажува дека само во САД бројот на жртви од чадот драстично ќе порасне – од сегашните 40.000 на повеќе од 70.000 луѓе до 2050 година, доколку продолжи сегашното темпо на глобално затоплување.
Научниците нагласуваат дека чадот од горење шуми е десет пати поштетен за здравјето од загадувањето предизвикано од согорување на фосилни горива, бидејќи содржи ситни честички (PM2.5) кои длабоко навлегуваат во белите дробови и предизвикуваат сериозни проблеми со дишењето и срцето.
Истражувањето посочува дека климатската криза е главниот фактор што води кон поинтензивни и почести пожари – повисоките температури и сушните услови ја сушат вегетацијата и создаваат повисок ризик од пожари.
Иако глобалната површина зафатена од пожари во последните две децении се намалила поради промени во земјоделските практики, бројот на луѓе изложени на чад и неговите последици значително се зголемил.
Според пресметките, економските штети во САД би можеле да достигнат 608 милијарди долари годишно до 2050 година поради здравствените последици од чадот – повеќе од сите други климатски закани заедно.
Глобално, најтешко погоден ќе биде Африканскиот континент, каде бројот на смртни случаи поврзани со чадот се очекува да биде 11 пати поголем од сегашните нивоа. Во Европа, пак, се проценува дека 22.000 луѓе починале во 2023 година поради чадот што пристигна од огромните пожари во Канада.
Експертите предупредуваат дека за да се намали ризикот на долг рок е неопходно намалување на стакленичките гасови, но дека во наредните децении клучни ќе бидат поактивно управување со шумите и подобра заштита на населението при загадување од чад.
Извор: The Guardian, Trn