Инсталација „Страв од љубов“ на Клелија Живковиќ во Францускиот институт во Скопје
Францускиот институт во Скопје организира инсталација и уметничка средба насловена „Страв од љубов”, која ќе се одржи на 23 септември во 19 часот, во Францускиот институт во Скопје. Авторка на инсталацијата е уметницата Клелија Живковиќ, а кураторка е Мелоди Робин. Настанот ќе биде проследен со разговор помеѓу уметницата, кураторката и публиката околу креативниот процес и делото.
Оваа инсталација претставува можност да се запознаете со делото на трансдисциплинарната уметница Живковиќ, чија уметничка практика се формира преку теоретски, материјални и експериментални искуства за личните, физичките, психолошките, емотивните и духовните бариери што ги среќава личноста додека се спознава себеси како битие на кое му е потребен простор за контакт со околината.
Инсталацијата „Страв од љубов” ги пренесува невидливите врски преку три елемента: звук, ткаење и физичко присуство. Уметницата изработува инсталација која ја симболизира папочната врвца, низ која се прикажани нашите лични врски –кон минатите генерации и кон сегашните, оние што нè опкружуваат овде и сега, или, како што објаснува кураторката Мелоди Робин: „Таа папочна врвца ја повикува публиката да ја допре, да влезе во неа, да биде заробена во јазлите од нежност, насилство и препуштање.“
Исплетените врвци ја носат тежината на историската улога на жените како ткајачки на животот на овој свет.
Преку оваа инсталација, Клелија Живковиќ прашува: какви светови градиме околу себе? И што се случува кога ќе ја напуштиме контролата, дозволувајќи и’ на љубовта да се појави во форми ослободени од стравот?
Во рамките на својата посветеност кон локалната уметничка сцена, Францускиот институт во Скопје ја започнува културната сезона со ова дело, продолжувајќи да организира изложби и уметнички средби со уметници од домашната сцена.
Клелија Живковиќ е родена во 1989 година и е трансдисциплинарна уметница од Скопје. Таа е формално образована во неколку дизајн-дисциплини, а нејзината работа претставува теоретски, материјален и искуствен увид во границите, физичките, психолошките, емотивните и духовните бариери што ги создаваме за да се спознаеме себеси како битија
што зафаќаат простор и кои ни овозможуваат површина за контакт со опкружувањето.
Нејзините увиди се базираат врз експериментални искуства за личните ограничувања, односно бариерите што ги среќава личноста додека се спознава себеси како битие кому му е потребен простор за контакт со околината.
Ја добила наградата ДЕНЕС за млади визуелни уметници во 2023 година и наградата „Ладислав Баришиќ“ од АИКА Македонија за предлог-истражувањето „Дизајн за оживување“.
Извор: umno.mk