„Цвеќе на мирот“ – изложба на Живко Поповски – Цветин по повод Светскиот ден на мирот

По повод 21 септември – Светскиот ден на мирот, македонскиот уметник и хуманист Живко Поповски – Цветин организира изложба со наслов „Цвеќе на мирот“ во своето родно село Брезово, во дворот на „Куќата на цвеќето на мирот“.

Изложбата започна денеска во 12 часот, при што Цветин ги претстави своите слики од четириесетгодишниот уметнички опус, со кои испраќа порака за мир, надеж и заедништво.

-Во овие времиња мирот е најпотребен. Кога секаде на Планетава Земја говори оружјето, тоа покажува дека ние миротворците имаме уште многу работа. Секој во својата област да се ‘бори’ за мирот – состојба која не ни е дадена, туку за која треба сите заедно да се залагаме, вели Цветин.

На денешниот датум се одбележува и Рождество на Св. Мајка Богородица – празник што Цветин го поврзува со почитта кон мајките ширум светот.

Живко Поповски – Цветин (роден 1944, с. Брезово) е поранешен претседател на Црвениот крст на Македонија, уметник номиниран за Нобелова награда за мир, познат по својата мисија „Цвеќето на мирот“. До денес има реализирано над 300 изложби и има подарено над 70.000 слики, кои се наоѓаат кај државници, уметници, поети и обични луѓе ширум светот.

Back to top button
Close