Германија подготвува нов закон: Забрана за пушење во автомобили со деца и бремени жени
Германија повторно го отвора прашањето за ограничување на пушењето во возилата. Покраината Северна Рајна-Вестфалија и Долна Саксонија на 26 септември 2025 година во Сојузниот совет ќе го претстават предлог-законот со кој би се проширил федералниот Закон за заштита на непушачите.
Според предлогот, ќе биде забрането пушење во автомобил доколку во него има деца или бремени жени. Целта е заштита на најранливите групи од последиците на пасивното пушење.
Министерот за здравство на Северна Рајна-Вестфалија, Карл-Јозеф Лауман (CDU), изјави:
„Неодговорно е да се пуши во присуство на деца или трудници во автомобилите.“
Истражувањата покажуваат дека по една испушена цигара, концентрацијата на чад во затворен патнички простор е повеќекратно поголема отколку во силно задимени угостителски објекти. Германскиот центар за истражување на рак (DKFZ) проценува дека околу еден милион деца во земјата редовно се изложени на чад во возилата.
Казни и европски примери
Иако моменталниот предлог не содржи конкретни бројки, претходните иницијативи предвидуваа парични казни од 500 до 3.000 евра.
Во други европски земји ваквите забрани веќе постојат:
- Грција: до 1.500 евра
- Италија: од 50 до 500 евра, во потешки случаи до 5.000 евра
- Франција: 135 евра
- Австрија: до 1.000 евра при повторен прекршок
- Кипар: 85 евра
Ако Сојузниот совет го прифати законот, следниот чекор ќе биде гласање во Бундестагот.
Извор: racin.mk