Ленуар: Секој што бил на ИФФК „Браќа Манаки“ од Битола се враќа со сјај во очите
Секој што бил на ИФФК „Браќа Манаки“ потоа од Битола се враќа со сјај од очите, истакна Денис Ленуар, претседател на меѓународното жири задолжено за оценување и доделување на главните фестивалски награди.
На прес – конференција во фестивалскиот прес центар, Ленуар посочи дека добрата страна на фестивалот е што станува збор за голем собир на кинематографери, но и на студенти.
-Прв пат доаѓам на фестивалот „Браќа Манаки“ и мора да кажам дека мислев дека овој фестивал како да е некаде скриен, но сите што се враќаа од Битола, се враќаа со сјај во очите и со коментари дека фестивалот е прекрасен. Станува збор за собир на кинематографери, но и на студенти, млади таленти и режисери, меѓу кои сега сум и јас и затоа дојдов тука. Се што досега видов тука е чудесно и прекрасно, истакна Ленуар, француски кинематографер, познат по соработката со режисерот Оливие Асајас.
Во меѓународното стручно жири членува и Асја Крсмановиќ од Босна и Херцеговина, драматург, која од 2022 година ја координира Мрежата на фестивали во Јадранскиот регион.
-Работиме во многу слични околности и можеме многу нешта да споделиме, да ја продлабочиме соработката и искуствата што ги имаме. На тој начин заеднички ќе влијаме на равојот на културата во регионот, посочи Крсмановиќ, која од оваа година е назначена за раководителка на „Синелинк“.
По пауза од 10 години, во Битола и на ИФФК „Браќа Манаки“ доаѓа и Астрид Хојбрантнер од Австрија која како истакната кинематограферка годинава членува во меѓународното жири.
-Прв пат на ИФФК „Браќа Манаки“ дојдов пред 10 години, на традиционланиот собир на ИМАГО каде имаше бројни кинематографери. Уште тогаш помислив и посакав повторно да се вратам во Битола, и еве ме повторно како членка на жирито. Се што тука се случува е инспиративно. Посебно се радувам што овој фестивал е фестивал на кинематограферите и место каде што може да се сретнат и да разговараат за својата работа. Со нетрпение очекувам да ги погледнам сите филмови од официјалната конкуренција за главните награди, нагласи Хојбрантнер, професорка на Универзитетот за музика и сценски уметности во Виена.
Заедно со Ленуар, Крсмановиќ и Хојбрантнер, во жирито членуваат и македонскиот филмски режисер Мирко Панов и Валерио Карузо, директор на веб-страницата на „Синеуропа“.