Турција ги укина дополнителните царини за голем број американски стоки пред средбата Трамп-Ердоган
Турција ги укина дополнителните царински стапки воведени на голем број производи со потекло од САД, јави „Туркије тудеј“, повикувајќи се на указ на претседателот Реџеп Таип Ердоган, објавен во турскиот Државен весник.
Со оваа одлука се укинуваат низа царини воведени од 2018 година. Првично, тие беа донесени како одговор на дополнителните царини што САД ги воведоа на увозот на челик и алуминиум од Турција истата година.
Турското Министерство за трговија ја објасни одлуката за укинување на царините на американските стоки со „позитивните преговори со САД и консултациите во рамките на Механизмот за решавање на спорови на Светската трговска организација (СТО)“.
Американските производи кои беа оданочени со дополнителни царини од Турција вклучуваа свтомобили (со 60%), етил алкохол и алкохолни пијалаци (со 70%), козметички производи (со 30%), производи од пластика (со 30%), суров тутун (со 30%), ориз (со 25%), ореви (со 10%) и други производи со дополнителни стапки од 10 до 25 отсто.
Министерството за трговија во Анкара соопшти дека одлуката за укинување на дополнителните царини е во согласност со целта на Турција да постигне годишен обем на трговија со САД од 100 милијарди долари.
Во соопштението се вели дека укинувањето на царините е дел од пошироките дипломатски контакти меѓу Турција и САД, и дека одлуката претставува значаен настан во стратешкиот дијалог меѓу двете сојузнички во НАТО.
На 25 септември е планирана средба меѓу претседателите Доналд Трамп и Реџеп Таип Ердоган во Белата куќа, како дел од посетата на турскиот претседател на САД каде ќе учествува на седницата на Генералното собрание на ОН.
Како што најави Трамп, двете земји работат на многу трговски и воени договори, „вклучувајќи и за голема претстојна набавка на авиони „Боинг“ и F-16“. Американскиот претседател рече дека двете страни ќе ги продолжат и разговорите за испорака на борбени авиони F-35 за Турција.
Анкара се надева дека ќе постигне договор со Вашингтон за борбените авиони од петта генерација, откако беше исклучена од програмата за нивно производство по набавката на руските ракетни системи С-400.