Десетици илјади демонстранти во Будимпешта поради јавни прашалници на владата на Орбан
Неколку десетици илјади луѓе протестираа вчера во Будимпешта против јавните консултации што ги спроведува премиерот, Виктор Орбан, а според демонстрантите се за партиски цели, со користење на јавни средства.
Унгарската влада планира во октомври да започне јавна консултација за оданочувањето откако провладин сајт тврдеше дека опозицијата планира да ги зголеми даноците доколку победи на парламентарните избори во април 2026 година.
Партијата ТИСА (TISA) на конзервативниот опозициски лидер Петер Маѓар, која води во анкетите за јавното мислење, негираше дека има такви планови и го обвини Орбан за „ширење лаги“ пред изборите.
Орбан редовно организира консултации во форма на прашалници кои, според опозицијата, се формулирани многу сугестивно и имаат за цел да создадат впечаток за поголема поддршка отколку што тој и неговата партија Фидес всушност имаат.
Прашалниците се испраќаат по пошта, а се придружени со реклами што се емитуваат на телевизија и на интернет страници.
Според организаторите вчера на Плоштадот на хероите во Будимпешта беа собрани околу 50.000 лица, додека властите сè уште не ги објавиле своите проценки.
Опозицијата верува дека Орбан спроведува масовна консултативна кампања со цел да го одвлече вниманието од јавната дебата и да избегне решавање на важни општи политички прашања.
Најновите од нив, чија цел беше да се зајакне ветото на Орбан за отворање на пристапните преговори меѓу Европската унија (ЕУ) и Украина, чинеа 27,7 милиони евра, се наведува во податоците на унгарскиот неделник HVG.
Орбан негира дека станува збор за пропаганда.