„Сите за Палестина“ со писмо до Сиљановска: Како можете да спиете мирно?
Иницијативата „Сите за Палестина“ и испрати писмо на претседателката Гордана Сиљановска Давкова непосредно пред почетокот на Генералната дебата при 80-то Генерално собрание на ОН. Во писмото тие ја потсетуваат претседателката дека во Обединетите нации гласот на Македонија како земја-членка треба да го застапува гласот на граѓаните, а не економските и политичките интереси на поединци. Тие исто така побараа:-Македонија јавно и веднаш да го осуди геноцидот врз палестинскиот народ и да ја признае Палестина;
-Итно да се побара сопирање на огнот и влез на хуманитарна помош во Газа што не е дистрибуирана од Израел;
-Македонија да почне да гласа ЗА солидарност со палестинскиот народ на сите понатамошни гласања на ОН;
-Да се воведат санкции кон Израел, да престанеме да го признаваме Израел, веднаш да се престане со трговијата со Израел и да се сопре секаква културна, образовна и спортска соработка со Израел;
-Оваа година, темата на Генералната дебата е „Подобри заедно: Повеќе од 80 години за мир, развој и човекови права“. Во вашата видео-порака по повод 80 годишнината од основањето на Обединетите нации, вие истакнавте: „Оваа 80 годишнина е повик за будење за да ја потврдиме нашата посветеност на Повелбата на ОН и нејзиниот меѓународен поредок заснован на правила. Од нас зависи дали ОН ќе се справат со предизвиците и ќе продолжат да градат иднина на мир, правда и напредок на здравa планета.“
Точно, од нас зависи! Но, како придонесувате вие и останатите претставници на нашата држава кон градење мир, правда и напредок на здрава планета? Македонија гласа воздржано за клучни прашања поврзани со најголемото злосторство на денешницата, геноцидот и екоцидот кој Израел веќе две години, активно и секојдневно, го врши врз палестинското население во Газа. За каков мир, правда и напредок на здрава планета зборуваме, кога Македонија ни симболички нема изразено солидарност и поддршка соbнарод кој трпи геноцид, кој целиот свет го следи преку малите екрани? Како може да спиете мирно продолжувајќи ја економската и политичката соработка со геноцидна држава како што е Израел?
Зборовите се празни доколку не се проследени со конкретни чекори. Зборовите се опасни доколку дејствуваме сосем спротивно од нивното значење. Како ги оправдувате своите постапки?
За крај, Ве потсетуваме дека токму на ова Генерално собрание, во октомври 1963 година, Скопје го доби називот „градот на светската солидарност“. Каде е „градот на светската солидарност“ сега? Како претседателка на државата, оправдајте го овој назив!
Тоа е вашата историска должност, порачуваат од иницијативата