Османи го повика Меџити да потпише на нотар дека нема да избега на друга функција од градоначалничката
„Јас немам план Б или резервен план освен Чаир,“ изјави кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи. Тој упати остар предизвик кон својот опонент, Изет Меџити од ВЛЕН, повикувајќи го законски, или преку изјава кај нотар, да се обврзе дека нема да ја напушти позицијата градоначалник доколку ја добие, во замена за каква било друга функција. Наедно Османи ги отфрли како неточни тврдењата дека ја користи трката за Чаир само за повторно да добие владина позиција.
„Јас ќе потпишам дека нема да ја напуштам канцеларијата или позицијата градоначалник на општина Чаир сè додека не одлучат граѓаните и преземам обврска пред луѓето. Еве, јас сум подготвен законски да потпишам дека, независно каква понуда ќе имам, домашна или меѓународна, бидејќи имам и понуди за меѓународни позиции. Нема да ја напуштам позицијата градоначалник на општина Чаир. Зашто ова за мене е мисија и сум влегол со целото мое битие, со моето знаење, со моето искуство, во овој процес“, изјави Османи.
Тој порача дека најголемата разлика помеѓу него и неговиот опонент е во искрениот пристап кон Чаир и немањето на резервна адреса за живеење и за функција.
„За разлика од мојот политички опонент, за кого Чаир е резервен план. Не се трга од владата со идејата: ако победам добро, ако не победам се враќам во владата. Зема фиктивна адреса во Чаир – ако победам добро, ако не, се враќам таму каде што живеам, во друга општина“, рече Османи.
Османи потенцираше дека тука пораснал тој и неговите деца, и дека целиот негов професионален и политички капитал е вложен во Чаир