Ристоска го демантира Мицкоски: Платата ми е редовна, не повисока

Обвинителката за врски на Македонија во Европравда, Ленче Ристоска, го демантира премиерот Христијан Мицкоски и истакна дека никогаш не примала за два до три пати повисока плата од редовната. Таа нагласи дека нејзиниот надоместок не го одредува државниот обвинител преку Правилник и дека е единствениот обвинител кој работи од сопствената држава.

Реакцијата следува откако Мицкоски на брифинг со новинарите во петокот изјави дека претставникот на Македонија во Европравда зема „ненормално висока плата“. Премиерот беше дециден дека е против судиите и обвинителите да имаат зголемени плати, иако, како што рече, тоа го бараат со поддршка од граѓаните од едвај два проценти.

 

Во овој контекст, Мицкоски додаде дека во законите за судиите и обвинителите не се предвидуваат суштински реформи, туку единствено зголемување на платите.

Европската комисија, пак, бара зголемување на платите за судиите и јавните обвинители, како и за членовите на Судскиот и Обвинителскиот совет. Сепак, Владата е против ваквото решение и најави дека ќе направи компаративна анализа со пет европски земји за да се утврди колку средства тие издвојуваат за судството и обвинителството.

Back to top button
Close