„Пуцко Петрол“: ЈСП должи над 10 милиони евра, а вината се префрла врз нас

Компанијата „Пуцко Петрол“ упати реакција до медиумите со барање за јавно извинување, поради објавеното соопштение на Град Скопје во кое беше наведено дека фирмата ја прекинала испораката на нафта за автобусите на ЈСП.

Од компанијата посочуваат дека ваквите информации го нарушуваат угледот и деловниот интегритет на „Пуцко Петрол“, притоа нагласувајќи дека во јавноста не бил презентиран еден значаен елемент – долгот на ЈСП кон нив, кој, според компанијата, надминува 10 милиони евра по фактури стари повеќе од две години.

„Со вашиот објавен текст за компанијата ‘Пуцко Петрол’ на 22.09.2025 година изразуваме загриженост и разочараност, со кој се нарушува угледот, реномето и деловниот интегритет на нашата компанија. Нецелосната и тенденциозна содржина на текстот води кон погрешно информирање на јавноста, што предизвикува директна штета врз нашата репутација и деловни односи“, стои во реакцијата.

Од таму додаваат дека „секој клиент кој навремено ги подмирува обврските, без исклучок, добива гориво согласно договорените услови“, при што нагласуваат дека нивното работење е транспарентно и законски усогласено.

„Со оглед на горенаведеното, бараме јавно извинување за нанесената штета и повлекување на спорниот текст, во согласност со етичките стандарди на новинарството. Во спротивно, ќе бидеме принудени да ги преземеме сите правни мерки за заштита на нашите права и интереси“, порачуваат од „Пуцко Петрол“.

Компанијата потсетува дека како долгогодишен снабдувач секогаш се води од принципите на транспарентност и професионалност, и апелира за темелно и објективно информирање кога станува збор за теми од јавен интерес.

Back to top button
Close