Блупринт група со поддршка за родителите од Кочани: Државата да покаже дека правдата не е апстрактен поим

Ја даваме оваа изјава во поддршка на семејствата кои на 17 август излегоа со свои искази и сведочења во врска со трагедијата во Кочани. Тие сведочат дека наместо да добијат разбирање и поддршка, се чувствуваат нападнати и изложени на различни притисоци, што уште повеќе ја зголемува недовербата кон институциите. Во вакви околности, потребен е особено сензитивен и одговорен пристап, кој ќе покаже дека државата ги слуша и ги зема предвид нивните стравови и грижи.

По завршувањето на истрагата и доставувањето на предметот во Основното јавно обвинителство, останува клучна потребата постапката да се води целосно транспарентно и без притисоци врз семејствата, сведоците и сите вклучени. Недовербата што ја изразуваат родителите и јавноста е гласна и оправдана реакција која впрочем се базира на оддамна изгубената сигурност во институциите. Од тие причини државата треба конечно да покаже дека правдата не е апстрактен поим, туку процес што може да се види, почувствува и доживее како вистинска правда.

Апелираме и до медиумите да продолжат внимателно и одговорно да ја следат постапката, со почитување на достоинството на жртвите и нивните семејства, но и со упорност во откривањето на сите евентуални неправилности и притисоци. Само преку внимателно известување и силна јавна контрола може да се обезбеди доверба дека правдата ќе биде достижна и достапна за сите.

Блупринт групата за реформи во правосудството:

Институт за човекови права
Македонско здружение на млади правници
Хелсиншки комитет за човекови права
Коалиција „Сите за правично судење“
Институт за европски политики
Центар за правни истражувања и анализи

Back to top button
Close