Министерот Панче Тошковски демантира дека убиената Росица му барала помош преку СМС-порака
-Министерот Панче Тошковски категорично ги демантира наводите изнесени во јавноста дека Росица К. пет месеци пред да биде убиена му побарала помош. Воедно тој упатува апел овој трагичен настан да не се злоупотребува за дневнополитички цели, одговорија од МВР за „Слободен печат“.
Инаку на социјалните мрежи и во пораки до новинарите пристигна фотографија за која што испраќачите тврдеа дека е СМС-порака што Росица му ја испратила на Тошковски. Од пораката не може да се види датумот на испраќање, не може да се види дали телефонскиот број е на Тошковски бидејќи недостасуваат 3 цифри. Во пораката пишува:
Се надевам дека пишувам на правилно место и дека конечно некој во оваа држава ќе отвори уши и очи за мојата безисходна ситуација. Сепак оваа власт ја гласавме и поддржуваме ние граѓаните. Човекот кој од декември месец па наваму ме демне, ме тепа и нанесува друг вид насилство, силува, прогонува и последно пред 5 дена ми ја запали колата е се уште на слобода! Вратен му е пасошот од МВР и во моментов слетува во Берлин, пишува во пораката каде се додаваат и бројот на предметот во Велес и бројот на предметот во Скопје.
Тошковски за „Слободен печат“ вели дека оваа порака не е веродостојна. На инстаграм профилот на Илија Стефановски, кој ја уби младата Росица, а кој е отворен за јавноста, може да се види дека тој објавил фотографија дека е во Берлин на 12 јануари 2025 година, но не може да се верификува кога фотографијата е снимена.
…