Атентаторот на Трамп се обиде да се прободе со пенкало во врат

Рајан Раут, кој беше обвинет за обид за атентат врз американскиот претседател Доналд Трамп, се обиде да се прободе во судницата откако беше прогласен за виновен по сите точки од обвинението.

За време на читањето на судската одлука, Раут (59) се обиде да се прободе во вратот со хемиско пенкало, по што беше насилно исфрлен од судницата, јавува ABC News.

Пенкалото до кое Раут имал пристап било специјално дизајнирано за да не може да предизвика повреда, оставајќи само модринки и траги на вратот, изјавил неименуваниот извор за ABC.

На инцидентот присуствувала и ќерката на обвинетиот, Сара Раут, јавува Танјуг.

„Тато, те сакам. Не прави ништо. Ќе те извадам. Тој никого не повредил. Ова не е фер. Сето ова е наместено“, рекла таа пред да биде изведена од судницата.

Судијката Ајлин Канон потоа му дозволила на Рајан Раут да се врати во судницата во окови и во придружба на маршали.

Тој беше информиран дека пресудата ќе биде изречена на 18 декември.

Раут се соочува со доживотен затвор откако беше осуден по сите пет обвиненија.

Минатата година, тој беше фатен со пиштол во близина на голф теренот каде што играше Трамп.

Поротата заклучи дека Раут имал намера да го убие Трамп кога ја насочил пушката низ оградата.

Сепак, тој избегал без да испука ниту еден куршум, откако агент на американската тајна служба во патрола го забележал Раут и отворил оган.

Раут, кој одлучил да се брани на судењето, се изјасни за невин, наведувајќи ја својата „нежна и ненасилна природа“.

Обвинителот Џон Шипли рече дека „заговорот бил внимателно осмислен и смртно сериозен“, додавајќи дека без брза интервенција на агентите на Тајната служба, Трамп би бил мртов.

Back to top button
Close