Францускиот ученик кој ја избоде наставничката по музичко бил фасциниран од нацизмот

Францускиот средношколец кој вчера ја избоде својата наставничка по музичко во лицето во североисточна Франција бил фасциниран од оружјето и нацистичката идеологија, соопштија властите.

Наставничката го преживеала нападот и нејзиниот живот не е во опасност, но 14-годишникот е на работ на смртта откако се избодел во вратот додека полицијата се обидувала да го фати при бегството  од училиштето со велосипед.

Обвинителката од Стразбур, Кларис Тарон, им изјави на новинарите дека ученикот имал тешко детство, дека бил во згрижувачко семејство каде што трпел насилство, по што бил сместен во институција.

-Може да се види дека бил заинтересиран за оружје и сè што е поврзано со Втората светска војна, особено нацизмот, рече Тарон.

Таа додаде дека тој веќе бил санкциониран од институцијата и дека бил под надзор на психолог откако нацртал цртежи со нацистичка тематика, вклучувајќи војник кој ја крева десната рака во нацистички поздрав.

Тарон рече дека ученикот ја избодел наставничката  со голем кујнски нож во лобито на училиштето во градот Бенфелд и не се обидел да нападне други наставници пред да избега.

Француската министерка за образование Елизабет Борн изјави дека ученикот претходно немал насилно однесување. Тој веќе бил привремено исклучен од училиштето и дека се покренати нови дисциплински постапки откако нацртал симболи на СС во својата тетратка, рече Борн.

Безбедноста во француските училишта е предмет на интензивна дебата во последните години. Во јуни, тогашниот премиер Франсоа Бајру изјави дека владата ќе ги тестира безбедносните врати во училиштата откако училишен помошник беше избоден за време на претрес на чанти.сд/

Back to top button
Close