Советот за безбедност на ОН денеска повторно ќе гласа за нуклеарната програма на Иран
Советот за безбедност на ОН денеска повторно ќе гласа за иранското нуклеарно прашање пред планираното повторно воведување на санкциите против Техеран, додека Русија и Кина бараат повеќе време за преговори, дознаваат западните агенции од дипломатски извори.
Нацрт-резолуцијата поднесена од Русија и Кина има за цел да ја продолжи за шест месеци, до 18 април 2026 година, резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се регулира нуклеарниот договор со Иран од 2015 година. Тој договор истекува на 18 октомври.
Нацрт-резолуцијата ги повикува земјите-потписнички на договорот од 2015 година веднаш да ги продолжат преговорите.
САД, инаку, еднострано го напуштија договорот во 2018 година за време на првиот мандат на Доналд Трамп.
Според неколку дипломатски извори, малку е веројатно дека руско-кинескиот текст ќе ги добие потребните девет од 15 гласови во Советот за безбедност за да биде усвоен.
Пекинг и Москва веќе го осудија и прогласија за нелегален процесот на „враќање на санкциите“, што беше инициран кон крајот на август од групата Е3 (Германија, Франција и Велика Британија) со цел повторно да се воведат санкциите што беа укинати во 2015 година.
По гласањето во Советот за безбедност минатата недела, кое даде зелено светло за „повторно воведување на санкциите“, тие санкции треба да бидат повторно воведени против Иран од сабота на полноќ.
Договорот од 2015 година, потпишан од ЕУ, САД, Кина, Русија и Иран, предвидуваше намалување на нуклеарните активности на Техеран.
Меѓутоа, во 2018 година, за време на неговиот прв мандат, Трамп еднострано ги повлече САД од договорот и повторно воведе санкции врз Иран. Потоа Техеран се откажа од одредени обврски, особено во врска со збогатувањето на ураниум.
Западните земји се сомневаат дека Иран се обидува да се здобие со нуклеарно оружје. Техеран го негира ова и го брани своето право да развива цивилна нуклеарна програма.