Трамп потпиша извршна уредба за продажба на ТикТок

Американскиот претседател Доналд Трамп, потпиша извршна уредба за планот за продажба на американското работење со ТикТок на американски и глобални инвеститори, во согласност со законот од 2024 година според кој апликацијата ќе биде забранета ако нејзините кинески сопственици не ја продадат.

Според уредбата, ТикТок ќе биде во мнозинска сопственост и под контрола на американски субјекти.

Како што соопшти Белата куќа, договорот вклучува интензивно следење на ажурирањата на софтверот, алгоритмите и протокот на податоци.

Кинеската компанија ByteDance и нејзините подружници ќе поседуваат помалку од 20 проценти од новиот заеднички проект, со кој ќе управува нов управен одбор, во согласност со правилата што „соодветно ги штитат податоците на Американците и националната безбедност“, се наведува во уредбата.

Потпретседателот Џеј Ди Венс изјави дека новата американска компанија ќе биде проценета на околу 14 милијарди долари.

– Имаше одреден отпор од кинеска страна, но основната работа што сакавме да ја постигнеме е да обезбедиме ТикТок да продолжи да работи, но исто така и да ја заштитиме приватноста на податоците на Американците, како што наложува законот, рече Венс.

Трамп изјави дека за сè разговарал со кинескиот претседател Си, кој ги одобрил американските напори.

Тој додаде дека Мајкл Дел, Руперт Мардок и веројатно уште четворица или петмина светски познати инвеститори ќе бидат дел од договорот за купување на американскиот бизнис на апликацијата за кратки видеа.

Трамп претходно ја одложи примената на законот до 16 декември, во обид американската имотна структура на ТикТок да се извлече од глобалната платформа, да се привлечат американски и други инвеститори и да се добие одобрение од кинеската влада.

Инаку, американскиот претседател смета дека ТикТок му помогнал повторно да биде избран минатата година, а таму има 15 милиони следбеници. Белата куќа, исто така, отвори официјален профил минатиот месец.

Според локалните медиуми, републиканците во Претставничкиот дом рекле дека сакаат да видат повеќе детали за договорот, за да бидат сигурни дека претставува јасно раскинување со Кина.

– Како што деталите се финализираат, мора да обезбедиме договорот да ги заштити американските корисници од влијание и надзор на групи поврзани со кинеската комунистичка партија, изјавија американските конгресмени Брет Гатри, Гас Билиракис и Ричард Хадсон.

Back to top button
Close