Осуммина убиени и 142 повредени во последните израелски напади врз Хутите во Јемен
Осум лица се убиени, а 142 се повредени во најновите израелски напади врз Сана, главниот град на Јемен, што е под контрола на бунтовниците Хути, го објавија синоќа бунтовниците новиот биланс на жртви.
Во првичниот извештај Хутите соопштија за двајца мртви и неколку десетици повредени.
Портпаролот на Министерството за здравство на бунтовниците, Анис Аласбахи, на социјалната мрежа X напиша дека бројот на жртви „се искачи на осум маченици и 142 ранети“, додека спасувачите продолжуваат да бараат жртви под урнатините.
Нападите, за кои Израел потврди дека ги извршил, се случија еден ден по нападот со беспилотни летала во израелското одморалиште Еилат, на Црвеното Море. Според локалните служби за итни случаи во тој напад имало 22 повредени лица.
Израел со месеци изведува напади врз бунтовниците во Јемен како одговор на нивните ракетни и беспилотни напади на израелска територија, од кои повеќето се пресретнати од армијата.
Поддржани од најголемиот непријател на Израел, Иран, Хутите тврдат дека ги започнуваат овие напади во солидарност со Палестинците во Појасот Газа, вмешани во војна што го предизвика нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година