Полска ја освои бронзата на СП во одбојка

Полската машка одбојкарска репрезентација го освои четвртиот последователен медал на светските првенства, откако претпладнево ја совлада Чешка со 3:1 (25:18, 23:25, 25:22, 25:21) во натпреварот за бронзата на мундијалскиот турнир кој денеска финишира на Филипини.

Вилфред Леон беше најефикасен во редовите на Полска со 26 поени, а Кевин Сашак додаде девет со три аса. Лукаш Вашина беше најистакнат во чешките редови со 19 поени.

За полските одбојкари ова е вкупно шести медал на светските првенства, а прв бронзен. Полска ги освојуваше светските титули во 1974, 2014 и 2018 година.

Чешка, која беше домаќин на првото Светско првенство во 1949 година, остана на шест медали, од кои последниот го освои во 1970 година, кога Чехословачка беше третопласирана.

Во финалето на Светското првенство во филипинскиот град Пасај сити попладнево ќе играат бранителот на титулата Италија и Бугарија.

Back to top button
Close