СКОПЈЕ НЕ ТРЕБА ДА ПРОСТУВА
Глигор Стоименов
Владејачката партија пред почетокот на оваа изборна кампања “обзнани“ дека се спремаат за историска победа на овие локални избори!
Па сега што?? Што значат овие историски победи за сите нас, за нашиот народ, едноставно не значат ништо! Минатото не учи дека овие историски победи, особено “историските победи на ВМРО“, се само еден скратен пат до амбисот, ништо друго. После овие “победи“ ќе не заглават уште повеќе онака баш “историски“ во кал и ќорсокак, па не знам како ќе се вадиме во наредниот период.
Но тоа е она во врска со “историските победи“, ова се сепак само локални избори. Се бираат градоначалници и совети кои ќе раководат со локалната власт. Се бира и градоначалник на Скопје, градоначалник на мојот град кој никогаш не бил во ваква ситуација, бар од кога јас паметам.
Скопје не треба и не смее да простува.
Главниот град на мојата земја, во овие изминати 4 години како никогаш до сега беше душмански воден на штета на граѓаните на Скопје. Аба мајката му ја расплакаа на Скопје. Сега види чудо, истите оние кои ја имаат целата власт во Советот на град Скопје, имаат власт во скоро сите општини на градот Скопје, истите тие сега чекале да дојдат на власт. Јас навистина ништо не разбирам овде. Истите оние кои го предложија овој градоначалник па се разделија поради одредени бизнис интереси, истите оние кои ги блокираа сите одлуки во Советот на град Скопје само за инает на градоначалникот а на огромна штета на скопјани, оние кои не оставија без јавен превоз, кои го оставаат ѓубрето на улиците па ни кажуваат дека ако ги избереме повторно нив ќе го соберат ѓубрето само за три дена, ама сега никако, затоа што не биле на власт? А што се ако не се власт јас не знам? Не сум видел до сега никогаш таква изјава, “изберете не нас па ќе го исчистиме ѓубрето за три дена“, инаку сега не ме интересира, скапувајте во ѓубре, така испаѓа работава. Не можам да го разберам тој ментален склоп на овие политичари, веројатно поинаку сум воспитуван. За да го оцрнат другиот и да дојдат на власт спремни се на се, буквално на се, па ако треба ќе го загрозат и нормалното функционирање на главниот град.
Граѓаните на Скопје ова не треба да го простат во наредните 20 години, вака никој до сега не играл вон правила како што играат овие на власт.
Да, има нешто чудно во воздухот почитувани! Некоја неразбирлива тескоба лебди меѓу нас. Истите овие кои го прават ова на мојот град, замислете имаат најголем рејтинг во Скопје и бараат поддршка за да повторно му го прават она што му го правеа изминативе 4 години, абе да се чудиш, до воздухот ли е, до луѓето ли е, не знам. Сум видел се, ама ова не сум го видел. Предложија еден лик таму, кандидат за градоначалник на Скопје, ама и тој имал најголем рејтинг секако, ветува во програмата се и сешто, чуда и врагови ќе направел од Скопје, да ти е мерак да слушаш што се ќе правел за Скопје! Ама кога ќе ги прашате луѓето во неговата општина каде што сега раководи никој нема ништо пофално да каже освен дека е највалкано од кога знаат за себе! Што имаме сите ние од тоа што тој имал рејтинг. Ама и тој чекал да дојде на власт па да се погрижи за ѓубрето. Абе го вратија градот назад 20 години, во една темна провинција се претворивме.
Да, жално е кога ќе слетате на Скопскиот аеродром од некоја европска метропола која свети и сјае, влегувате во Вашиот град каде што се е темно, ете таа темница некако како да Ве прогонува па се прашувате во себе, зошто е вака?
Токму затоа почитувани, вакви “историски победи“ во најава се наголемите историски порази за нацијата. Од рејтинг не се живее! Некои паметни луѓе рекле дека и со “лопата“ држава не се гради туку со мудра политика! Македонија веќе назадува во сите правци. Еве оставете ги партиите што зборуваат, погледнете ги само официјалните економски параметри и споредете ги со сите земји во регионот и се ќе Ви биде јасно. Стануваме провинција, со најмала просечна плата во регионот, со најнизок стандард, со најмалку странски инвестиции, со најслаба економија и многу други параметри јасно укажуваат каде одиме? Одиме ‘никаде“. Со манифестација на една ниска и примитивна политичка култура, со политичка борба без правила не знам до кај ќе стигнеме. Да не зборуваме за затворање на клучното наше прашање од национален интерес, почеток на преговорите со ЕУ, до каде сме, пак до никаде? Буквално си играме со опстанокот на државата. Тотална политичка незрелост и фијаско. Погледнете, сега Албанија за нас е запад. Што правиме ние? Ние чекаме гаранции! Ама се уште не знаеме од кого чекаме гаранции, еве нека ни кажат кој е тој што дава гаранции или кој човек, која институција во ЕУ дава гаранции, до сега не слушнавме да ни кажат. Се е некако “апстрактно“ и безидејно. Ако ова прашање продолжиме да не го решаваме и понатаму, да играме на оваа карта на манипулација на нашиот народ тешко ќе биде за оваа наша земја, многу тешко. Кога немате никакви резултати во економијата и во развојот на земјата, кога ќе посегнете да водите политика само за рејтинг, да играте со емоциите и стравот на граѓаните, демек ги заштитувате од Бугарите, од Албанците, тоа не е политика, тоа е само пат до амбисот, ништо друго. До сега никој и никогаш вака не ја потценувал интелигенцијата на Македонската нација.
Но замислете повторно и покрај се имаат најголем рејтинг, па го прашувам мојот стар и мудар комшија што мисли, зошто е тоа така, да ми одговори некако “народски“?
Ми вели тој, “абе се плаши народот од ДУИ да не се вратат пак, односно народот мисли дека ВМРО ги штити од ДУИ, дека ги штити од Албанците, па еве ми вели, Бугариве ако ги ставиме во Устав може ќе ни бараат после све, ќе влезат секаде и ќе се бугаризираме, ете затоа гласаат за ВМРО, инаку навистина ништо не чини друго, се е за никаде“, ми вели соседот. Ете како размислува и како гласа еден човек обременет од лаги и пропаганда. Дали треба повеќе анализа, мислам дека не треба. Јас со ова не се согласувам целосно. ДУИ ќе се врати на голема врата по овие избори. Со оваа погрешна политика на владејачката партија само им го зголемија рејтингот на ДУИ и нема да биде нивната победа над ВЛЕН три спрема еден како што покажуваат анкетите туку мислам дека ќе биде пет спрема еден. После тоа ќе исчезнува причината за постоење на ВЛЕН, па се поставува прашањето кој ќе не брани после од ДУИ кога ќе треба да бидат во влада со ВМРО. Ништо со ова не се согласувам. Нас не треба никој да не брани, ние сами ќе се одбраниме со добра и мудра политика, со погрешна никако.
А како можеше да биде?
Ако не се самоблокиравме на патот кон ЕУ, Македонија до сега веќе ќе имаше отворено неколку поглавја во преговорите со ЕУ. Ќе ја имаше усвоено реформската агенда, повеќе од 700 милиони евра можеби и милијарда ќе се слеваа во нашиот буџет за структурни реформи, граѓаните ќе почнеа да чувствуваат подобрување на нивниот стандард, редовното зголемување на платите ќе станеше реалност, ќе се чувствуваше некое светло во тунелот, некоја предвидливост. Но што добивме сега??
Најверојатно до нас е, секој народ си има влада каква што заслужува.
П.С. Пред некој ден гледам зборуваат за партизација на јавната администрација, како тоа они ќе ја искоренеле, ќе се бореле против партизација, па зборуваат за некои закони, декларации, дрн, дрн јариња! Не знам дали е за плачење или за смеење. Абе оваа политичка гарнитура и столиците и масите, абе инвентарот по институциите го партизираше, па да не збориме за друго и сега велат ќе се борат против партизација. Ваква брутална партизација и политички реваншизам не се случувал до сега во самостојна Македонија, па дури и во оние институции каде што никогаш не се случувало такво нешто. Ова за жал го гледаат сите од Европа и навистина ни се чудат, си мислат сигурно што сме згрешиле толку.
Затоа има една поговорка која вели, “не ги слушај што зборуваат туку гледај што прават“.