Канализацијата во статус кво – дали Битола ќе ги загуби европските пари
Постои реален ризик Македонија повторно да се соочи со враќање на европски пари – овој пат поради доцнењето со проектот за изградба на канализација во битолско. Дел од ИПА фондовите се предвидени токму за овој проект, кој треба да оди заедно со изградбата на пречистителна станица. Додека договорот за станицата веќе е потпишан, за канализацијата тоа сè уште не е случај, иако двата проекта според европската програма се меѓусебно условени.
„До 2030 година, 95.000 жители на Битола треба да имаат стабилен канализациски систем и третман на отпадните води во согласност со ЕУ стандардите“, пишува во Оперативната програма за животна средина.
Но реалноста е поинаква – системите во повеќето урбани и рурални средини се стари, нефункционални и често недоволни за сите отпадни води. ЕУ документите предупредуваат на долготрајно занемарување на редовното одржување, што резултира со дефекти, инфилтрации и протекувања, а во некои случаи и со прекин на работата на постојните постројки.
Сè додека проектот не почне да се реализира, реката Драгор ќе остане колектор за отпадни и индустриски води, а жителите на Битола – заложници на недовршени ветувања и неизвесна европска поддршка.