Ќе се гради нова поликлиника во Бутел, општината денеска распишува тендерска постапка

Граѓаните најмногу бараат поликлиника и Општина Бутел денеска распишува тендерска постапка за нејзина изградба, соопшти на денешната прес конференција градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски. Новата поликлиника Бутел ќе се гради на улица „Бутелска“, на местото на постојната модуларна амбуланта. Ќе има приземје и кат. Околу 118 милиони денари ќе чини целиот проект.

Ова беше еден од капиталните проекти, што го најавил градоначалникот Костовски.

-Општина Бутел обезбеди планска документација. Донесовме ДУП на 16.02 2024 година. Го донесовме едногласно. Зацртавме маркица за нова поликлиника. Веднаш потоа обезбедивме проект во вредност од 3 милиони денари. Целосна проектна документација, рече Костовски.

Додаде дека се обезбедени 117 милиони денари, од кои 90 отсто се од Министерството за здравство, а 10 отсто од Општина Бутел.

Костовски посочи дека се работи за модерна поликлиника, која ќе се простира на 1500 квадратни метри. Тендерската постапка се очекува да трае околу еден месец.

Министерот за здравство Азир Алиу истакна дека оваа поликлиника е пример за соработка меѓу централната и локалната власт.

-Во новата поликлиника ќе има општа медицина, ординации за педијатрија, биохемиска лабораторија, кабинет за радиологија, стоматологија, гинекологија, психијатрија…, рече Алиу.

Одговорајќи на новинарско прашање, Костовски изјави дека по завршувањето на тендерската постапка и откако ќе биде избрана фирма, се очекува веднаш да бидат поставени темелите на новата поликлиника или не повеќе од два месеца. Рокот е 18 месеци според условите поставени за градба.

– Важно е да ги запознаеме граѓаните, бидејќи ќе се гради на старата амбуланта, на модуларната, која е вреднаш до Општина Бутел, матичните лекари кои работат таму во моментов, ќе бидат дислоцирани во зградата на поранешниот дом „25 Мај“.

Back to top button
Close