(ВИДЕО) Шукова: Механизација на Дрисла, оградување на Вардариште, нов центар за рециклажа и 15 нови паркови Топ 20 проекти за чисто и здраво Скопје
Скопје мора конечно да го расчисти најголемиот срам – загадениот воздух, дивите депонии и недостатокот на зеленило. Ова не е партиска тема, туку здравствено и човечко прашање за секој граѓанин”, изјави Каја Шукова, кандидат за градоначалник на Скопје, претставувајќи го делот од својата програма посветен на екологија и животна средина.
Шукова најави решенија што, како што рече, „ќе почнат веднаш” – вклучувајќи ги Дрисла, Вардариште, отпадот, парковите, загадувањето и екологизацијата на јавниот простор.
„Ќе го оградиме Вардариште, ќе поставиме 24/7 обезбедување и ќе ставиме крај на дивото фрлање и палење ѓубре. Паралелно, Дрисла ќе добие нова механизација, а процесот на управување со отпадот ќе биде под стручна и јавна контрола. Тоа го должиме на секој скопјанец”, истакна таа.
Како суштинска промена, Шукова го најави отворањето на Центар за селекција и рециклажа, кој ќе овозможи 50% од отпадот да се рециклира наместо да завршува на депонија.
„Ќе поставиме паметни контејнери, ќе промовираме селекција од домаќинствата и ќе ја отвориме економијата на рециклирање. Отпадот е ресурс – само треба некој конечно да се фати со работа, а не само со изговори”, рече таа.
Во планот за здрава и зелена животна средина, Шукова вклучува и проект за урбано зеленило.
„Во првите 15 месеци – 15 нови паркови и 10.000 нови дрвја. Ќе засадиме, ќе одржуваме и ќе го раззелениме секое маало. Зеленото Скопје не е луксуз, тоа е основа за здравје и живот”, порача Шукова.
Најави и субвенции за приклучување на централно греење за домаќинствата кои сè уште се греат на дрва.
„Ние ќе го поддржиме секој граѓанин кој сака да премине на почист начин на греење. Загадувањето нема да го решиме само со апели, туку со конкретна помош и одговорна политика”, додаде таа.
Посебно внимание е посветено и на уредувањето на реката Вардар и кејот, како нов простор за рекреација и екологија.
„Ќе воведеме еко-патрола 24/7 долж Вардар, ќе уредиме пешачки и велосипедски патеки, нови зелени површини и ќе го направиме кејот гордост на Скопје. Тоа треба да биде место за дружење, не за отпад”, рече Шукова.
На крајот, таа го најави и проектот за зелени кровови на јавни згради.
„Во првата година – 10 зелени кровови кои ќе ја намалат урбаната топлина, ќе ја подобрат климата и ќе понудат нов јавен простор. Овие мали, но важни потези го прават градот попријатен и похуман”, порача кандидатката.