Вредноста на доларот падна на светските пазари поради застојот во државните служби и очекувањата за ново намалување на каматите – Скопје1.мк

На меѓународните финансиски пазари минатата недела вредноста на американскиот долар опадна во однос на кошницата светски валути, под влијание на привремениот прекин во работата на сојузните служби и очекувањата дека Федералните резерви ќе продолжат со намалување на каматните стапки.

Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американската валута во споредба со шест водечки светски валути, падна за 0,5 проценти и изнесува 97,71 поен.

Доларот ослабе и во однос на еврото за 0,3 проценти, при што курсот на еврото достигна 1,1740 долари. Во однос на јенот, падот беше уште поизразен – за 1,4 проценти, па вредноста на доларот се спушти на 147,45 јени.

Според аналитичарите, прекинот во работата на американските државни служби, предизвикан од неможноста на републиканците и демократите во Конгресот да постигнат договор за финансирање, дополнително ги засилил стравувањата за состојбата на економијата.

„Недостигот на макроекономски извештаи нè остава без реална слика за состојбата во економијата. Доколку прекинот потрае, загриженоста на инвеститорите ќе се зголемува“, изјави аналитичарката Џајати Бхарадвеј од TD Securities.

Дополнителен притисок врз доларот вршат и очекувањата дека американската централна банка ќе продолжи со намалување на каматните стапки, откако најновите податоци покажуваат забавување на пазарот на трудот – главниот аргумент за последното намалување на каматите за 0,25 процентни поени.

Инвеститорите предвидуваат дека до крајот на годината Федералните резерви би можеле уште двапати да ги намалат каматите – во октомври и во декември. Дел од гувернерите го поддржуваат овој пристап, додека други сметаат дека не треба да се брза, бидејќи инфлацијата сè уште е повисока од целните 2 проценти.

Back to top button
Close