Пролет надополни два негатива во последната минута во дуелот со Бутел
Последниот натпревар од 6.коло од ракометната Супер лига меѓу Бутел и Пролет заврши без победник 22:22. Домашната екипа испушти победа и водство од 22:20 во последната минута.
Најпрво Давор Палевски намали на 22:21 на 26 секунди до крајот на дуелот, а домашниот тим Бутел брзоплето го заврши нападот и тоа беше шанса за Пролет за нерешен резултат. Голот за нерешен резултат го постигна Андреј Стојановски на осум секунди до крајот на дуелот.
Натпреварот во најголемиот дел беше изедначен, со минимална предност на ракометарите на Бутел, иако и гостите во неколку наврати имаа водство. Најефикасен на дуелот беше Филип Николов од Бутел со 7 голови, а Стојановски кај Пролет постигна 5. Одличен на голот на Пролет беше Бојан Солев кој имаше 16 одбрани.
По денешниот дуел Вардар е лидер на табелата со 12 бода, пред Алкалоид со 10, Еурофарм Пелистер и Бутел имаат по 9. Охрид и Пролет следуваат на табелата со по 7 бодови.