Кочани: Тишината е погласна од кампањата

Град што сè уште тагува, а треба да избира

На предната страна, на еден од мостовите во Кочани, распространо е бело платно, на кое со црвени букви пишува: „Години на молк секогаш водат до минута молк“, потсетник на трагедијата што го срози градот пред осум месеци.

 

Веднаш над него се издига билборд со еден од кандидатите за градоначалник и изборната парола „За живот во Кочани.“

Двете пораки рефлектираат поинакви реалности што се разминуваат во малиот град – една за животот со болка и борбата за правда на оние што ги загубија најблиските, а другата за трката за претстојните локални избори.

Во градот со 30-тина илјади жители, кои сѐ уште се обидуваат да го вратат животот во некаква нормала, по пожарот во дискотеката „Пулс“, кој зеде 62 млади животи, малку посрамежливо од претходно, непречено си тече изборната кампања.

Како никогаш досега, во Кочани се пријавени дури шестмина кандидати за градоначалници и девет советнички листи, што партиски, што независни.

Но, кампањата се одвива во тишина.

Во средата, кога екипата на БИРН го посети Кочани, еден од кандидатите за градоначалници од пазарот им ветуваше на тезгаџиите помодерен и побезбеден простор за работа. Друг кандидат, пак, држеше прес-конференција за проекти за подобра заштита од пожари.

На самиот влез во градот, „добредојде“ ни посакаа билборди со партиски лица и бројките што треба да се заокружат. Ветуваа подобра иднина, дом, живот… ако се направи „вистинскиот избор.“

„Кренав раце јас од ветувања. На овој град му треба соживот, му треба мир да се соземе и да продолжи да живее“, раскажува пензионерката Розина Ивановска.

Ја сретнавме на кејот, додека брзаше кон градинката за да го земе внучето.

Забележува дека кампањата тече и има потреба од промени, но не се надева дека промените ќе дојдат со овие избори.

повеќе

Back to top button
Close