Панаѓур

Локалните избори закажани за 19-ти октомври, треба да понудат квалитетен избор на кандидати кои ќе ги заземат позициите на градоначалници и советници низ 84 општини низ цела Македонија и нивните општински совети.
Последниве денови, ние граѓаните од чиј глас зависи изборот сме бомбардирани со медиумски кампањи. Каде и да се свртиш, што и да отвориш од електронските пренесувачи на информации, канонада од жестоки кампањите на богатите политички партии.
Нивната сеприсутност во секојдневието, во живо и во медиумскиот простор, ни ја ограничува можноста да се запознаеме и дознаеме повеќе за останатите кандидати, не толку експонирани, а кои се појавуваат на овие избори да направат базични промени во функционирањето на локалната самоуправа.
Присуството на независните кандидати го доживувам како револт кон политичките партии кои изминатите 35 години не испорачаа она што на граѓаните им е потребно.
Револтот кон „богатите” политички партии, насобран со години наназад, кај нас граѓаните и обични гласачи не е спонтан. Акумулиран е подолг период. Секој од нас сака да дознае многу повеќе за останатите кандидати, засенети од експонираните и веќе видени. Говорам за медиумскиот простор јавнат од досегашните тутори на локалната самоуправа.
Огромниот број билборди, распослани низ централниот дел на Град Скопје, се неми сведоци за грдата слика на понуденото од богатите политички субјекти. Кампања ли е ова или панаѓур?
Прв пат во историјата на локални избори во центарот на Скопје се поставени билборди со ликови- носители на советнички листи во 11 општини на Град Скопје. Дополнително, на организираните настапи низ општините советниците ветуваат ,,брда и долини” и што се ќе одработат за општината како кандидати. Срамота. Се срамам кога гледам. Срамот не е на граѓаните, туку е ваш. На вас, материјално богатите политички партии, без духовен кредибилитет и морален компас.
Се нуди сѐ и сешто без вистински, објективни анализи или дебати преку кои може да се слушне што реално е можно да се испорача. Панаѓур!
Ја слушнав изјавата на кандидатот Орце Георгиевски при неговата посета на Шуто Оризари. Ветува спортски стадион кој ќе го изгради во таа општина. Исто така ја слушнав неговата изјава дека после неговото доаѓање градот ќе го исчисти градот за 72 часа.
Господинот Орце Георгиевски е најсериозниот кандидат за градоначалник на Град Скопје. Токму затоа нема потреба од популистички изјави, кои на прв слух не звучат убедливо. На таков човек едноставно не му личат лажни ветувања. Верувам дека и тој самиот не е свесен и не знае што ќе наследи во касата на Град Скопје – длабока финансиска бездна. Верувам дека има волја и дека сака, но реално дали ќе може!
Без сигурни финансии не се ветува. Не ветувај капитални инвестиции од типот стадиони или чисто Скопје за 72 часа! Не е решение усната интерпретација или желба, бидејќи Скопје е жива метропола и бара добро организиран систем и ментална хигиената за чисто секојдневие. Без здрав и одржлив систем со човечки ресурси, механизација и финансии, не ветувај однапред ништо.
Го споменав само господинот Орце Георгиевски. Но жално е, поточно траги-комично е што вакви ветувања добиваме од сите потенцијални градоначалници, како во Скопје така и во останатите општини на Република Македонија.
Локалните избори наликуваат на панаѓур, и тоа селски панаѓур на кој се веселиме, јадеме, пиеме и споделуваме убави нешта.
Локалните избори во основа се многу сериозен чин за креирање на животот на поединците во општините каде што живеат. Уморни сме од лажните, повторувачки ветувања на секои локални избори. Независните кандидати за градоначалници и советници, на овие избори се појавија во најголем број до сега од досегашната историја на локални избори во Македонија. Ова е показател дека фундаменталниот проблем е во изборниот законик на локално и централно ниво.
Стагнирањето на нашата држава во сите сфери, споредено со останатите наши соседи, е евидентно. Една суштинска причина е во лошиот изборен законик.
Сѐ додека лидерите на богатите политички субјекти ги утврдуваат високите функции во нашето општествено живеење, ние, граѓаните и понатаму ќе ја плаќаме цената на партиските интереси
Дали тоа го сакаме?
Убеден сум дека граѓаните бараат безбеден и достоинствен живот, а тоа се постигнуваат во систем кој не треба да функционира по желба на така наречените лидери, туку по желба на граѓаните кои на изборите ќе препознаат личности, па согласно нивните дела да им дадат мандат да ги водат институциите во системот.
Базичниот проблем за ова наше дно без дно во кое денеска живееме е во изборниот законик. Гневот во мене расте кога гледам како секојдневно ни бега нашата млада, едуцирана и репродуктивна популација, а Македонија станува земја на старски домови.
Македонија една изборна единица! За парламентарните избори слободни листи за пратеници во собрание и ревизија на постојната територијална поделба на територијата на Република Македонија!
Ова се базичните сегменти од каде извира проблематиката. Македонија е држава, не е панаѓур.