ВМРО-ДПМНЕ: Каква била улогата на Оливер Спасовски во заштитата на газдата на „Пулс“?
Дали Оливер Спасовски се јавувал во СВР Штип и барал да се р’же на полицијата во Кочани за спас на газдата на дискотеката „Пулс“? Што кријат Јавното обвинителство и Коцевски?
Овие прашања денеска на прес-конференција ги постави Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на информации, односно на наводна телефонска конверзација меѓу синот на сопственикот на т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани и извесно лице што викендов беа објавени од дел од медиумите.

„Од конверзацијата се влече логичниот заклучок дека власта на СДС вешто го штитела газдата на „Пулс“, а во тоа биле вмешани и министри.
Имено според објавеното во медиумите, на 17 февруари 2022 година, синот на газдата Дејан Јованов – Деко, Михаил, се јавува до извесна Бојана и ја известува дека Оливер Спасовски (тогашен министер за внатрешни работи) се јавувал во СВР Штип, за да ургира за дискотеката.
И тоа со зборовите – ‘Оливер Спасовски се е јавувал у Штип у полицијата за нас’. По што Бојана го прашува Михаил зошто се јавувал Оливер Спасовски, дали за да ја намалат казната и за каква казна станува збор?
По што Михаил ѝ кажува дека добил информација за казна која требало да им биде наплатена од УЈП, во висина од 40 000 евра ѝ дека ургенцијата била со цел да не им досадува полицијата.
‘И он кажал тој началникот од Кочани утре одма на информативен разговор да дојде … кај началникот за Источна Македонија… ќе им с’ржат малку… да се п….т“ завршува Михаил“, наведе Андоновска.
Во таа насока, таа го повика Јавното обвинителство и првиот човек на оваа институцијата, Љупчо Коцевски да кажат дали истражиле и дали го повикале ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на информативен разговор, дали е извршена проверка во полицијата во Штип и Кочани и дали постоела негова ургенција.
„Дали ЈО и Љупчо Коцевски постапиле според закон, или го кријат и штитат Оливер Спасовски? ЈО и Љупчо Коцевски да не молчат.Каква е улогата на Оливер Спасовски во заштитата на газдата на дискотеката ‘Пулс’ и работата на дискотеката?“, рече Андоновска.