Утре ќе стартува судењето за закланите 10 коњи во ЗОО, екс директорот Стаменов меѓу обвинетите

Утре, по три години од грозоморната случка во скопската Зоолошка градина, кога беа заклани десет коњи, во Кривичниот суд ќе стартува судски процес за овој настан.

Тогаш, вработените беа затекнати од глетката како се касапат коњи за прехранување на другите животни, по што МВР поднесе кривични пријави против петмина, меѓу кои и тогашниот директор на ЗОО, Кристијан Стаменов.

Тој излезе со објаснување, дека закланите коњи биле болни и изнемоштени, па затоа би завршиле како храна за останатите животни. Проценката за тоа во каква состојба биле коњите, како што велеше Стаменов, ја направиле вработените, но и усно инспектор од АХВ.

Коњите биле земени од Идризово, 16 на број од кои четири од нив биле во добра состојба да бидат изложени во зоолошката, додека другите кои беа заклани имале скршеници, повреди, малигни заболувања од претходно што биле злоупотребувани.

Од АХВ пак демантираа дека нивни инспектор направил проценка дека закланите коњи биле болни или изнемоштени. Според Агенцијата овие животни не биле никаде регистирани и затоа не може да се знае каква била нивната состојба, затоа месото од нив е уништено во Дрисла. По ова следуваше истрага, која заврши со поднесено обвинение.

Поранешниот директор на ЗОО Скопје, Ѓорги Галетановски, кој ја извршуваше функцијата пред Стаменов, беше згрозен од ваквиот чин.

-Сакам да го погледнам во лице тој што ги заклал. Нема шанси да е некој од вработените Зоо Скопје е институција што треба да се грижи за благосостојба на животните. 16 коњи… Жално e многу, немам што да кажам освен да се грижите за животните и да ја оставите Зоолошка на вработените и на посетителите, сподели Галетановски.

Извор: fokus.mk

Back to top button
Close