Притвор за неготинец под сомнеж за лихварство, кривична за насилство против невенчаната сопруга

Притвор му бил одреден на неготинец под сомнеж за лихварство, кривична пријава за насилство била поднесена против неговата невенчана сопруга. За ова денеска информираа од Секторот за внатрешни работи – Велес.

– Полициски службеници од ОВР – Неготино ги лишија од слобода С.Н., на возраст од 50 години и неговата невенчана сопруга, 35-годишната Н.А., двајцата од Неготино. Според пријавеното, С.Н. на лице од Неготино пред неколку месеци му дал 2.000 денари, но, бидејќи лицето не успеало на време да ги врати парите со несразмерната камата, му дало накит за да го одложи времето на враќање на парите. Како што е пријавено, на деветти октомври, С.Н и Н.А. отишле во неговиот дом и физички го нападнале, а била турната и неговата сопруга, која се обидела да ги спречи во нападот, појаснија од СВР – Велес.

Како што соопштија оттаму, подоцна, со судска наредба извршен бил претрес во домот на С.Н., при што биле пронајдени и одземени пари во различни апоени и валути, накит, вага, куршуми кои ги поседувал без соодветна документација, патна исправа на друго лице и нотес со запишани белешки.

– Исто така, при преглед кај С.Н. и Н.А. биле пронајдени пари, а откако биле приведени во полициска станица, С.Н. физички нападнал и двајца полициски службеници. Тие се задржани во полициска станица и известен бил јавен обвинител. Против Н.А. е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“ по член 386, а против С.Н. е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „насилство”, „лихварство”, „напад врз службено лице” и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со огнено оружје или распрскувачки материјали”, информираа од СВР Велес.

Тој бил изведен пред судија на претходна постапка, кој му определил мерка притвор во траење од осум дена, по што бил спроведен во Казнено – поправната установа Затвор Гевгелија.

Back to top button
Close