Локални избори – огледало на партиската алчност

Држава на лаги, партиски интереси и изгубена правда

Трифун Костовски

Сѐ се сведува на битка за власт, наместо на борба за поквалитетен живот на граѓаните.

Денови ли се денови, на големи ветувања, уште поголеми очекувања, а најмалку остварувања. Секојдневието ни е една голема кампања, платена политичка програма за претстојните локални избори. Рекорд во пријавени кандидати за градоначалници и советници низ сите општини! Барем во нешто рекордери во историјата на независна Македонија.

Појавувањето на ваквиот голем број кандидати на овие избори говори само едно: недовербата на граѓаните во најголемите политички партии е евидентна.

Агресивниот и наметлив настап, речиси на сите кандидати за градоначалници, па дури и на советниците, особено од големите политички партии, мене ми е неразбирлив.

Да се ветуваат толку силни проекти, покрај толку многу наталожени проблеми и тешко решливи ситуации, притоа испразнети буџети и до гуша во кредити, за сериозните кандидати за градоначалници од најсилните политички партии, е неодговорност. Можеби се желба, ентузијазам, добра волја и оптимизам, но согласно реалната ситуација на македонската економија звучат апсурдно.

Токму таквиот видлив апсурд, со ентузијастички предизборни ветувања, за жал ја убиваат кај нас граѓаните вербата дека еден ден навистина ќе тргнеме по вистински пат за градење на модерна и силна држава. Се изнаслушавме лажни и неостварени ветувања…

Покрај синдромот ,,жед за власт” паралелно владее епидемија на омраза – синоним на нашето секојдневие. Спротивставените кандидати треба да научат јавно да се обраќаат без партиски препукувања полни омраза. Да научат да си ја контролираат вербалната агресивност. Сепак, проблемот, поточно изворот на проблемите е многу подлабок од ,,плитките” партиски игри.

Проблемот е во изборниот законик кој е на сила во Република Македонија и територијалната поделба од 2004 година! Во основа лошиот Изборен законик и лошата територијална поделба се изворот на сѐ она што денес ни се случува.

Со актуелниот Изборен законик дозволивме така наречени партиски лидери без суштинско знаење како се води држава или институција да предлагаат кандидати во сите изборни процеси на локално и централно ниво кои во себе немаат квалитет за функциите кои ги преземаат. Нам, на граѓаните со овој изборен закон ни е одземено правото да предлагаме квалитетни и успешни луѓе.

Со Законот за територијална поделба наместо да градиме граѓанска држава, ние градиме држава на различни етникуми, меѓу кои постојат силни политички бариери за заеднички соживот и просперитет на целата држава.

Плурализмот како државен систем не успеа да заживее во вистинската смисла. Граѓаните во Република Македонија со постоењето на овие два закони се поделија и по етникуми. Денес, сите етнички заедници имаат свои партии. Многу е редок случајот да видиме партија која во себе носи граѓански концепт и собира околу себе членови без разлика на нивната верска и етничка припадност.

Дефинитивно ова не е демократија! Ова е најгрдата слика во креирањето на една просперитетна заедница

Актуелните политички партии, посебно водечките во сите етнички заедници, денес работат само за интересот на етникумот од кој произлегуваат. Заедничкиот интерес на ваквите партии го чувствувам како маргинален. Сите лидери на партии, вклучени во локалните избори, се со желба да ја освојат власта. Ненаситна жед за власт!

Соработката меѓу различните етнички партии постои само заради меѓу партиските интереси. Ние граѓаните не сме приоритет, туку муниција за препукување на партиските интереси.

 

Денешнава кампања за локални избори , пропагира вклучување на сите институции од системот, директно или индиректно, само со цел да се освои власта од сопствената партија.

Дали е тоа во интерес на граѓаните? Мој личен став е дека интересот на граѓаните е маргинализиран.

Кандидатите за градоначалници и советници на богатите политички партии ветуваат ,,брда и долини” во период кога одиме низ удолница.

Ќе поминат локалните избори. Ќе избереме градоначалници и советници. По извесен период од нивниот мандат ќе видиме на дело дали ние граѓаните сме повторно излажани. Лагите на политичките партии се наше секојдневие. Им се навикнуваме како на воздух. Нечист воздух.

Се бориме против криминалот и корупцијата на централно и локално ниво. Лидерите на партиите ги предлагаат идните градоначалници и советници. Каква е одговорноста на партиите и нивите лидери пред нас граѓаните, кога нема голема партија во македонскиот и албанскиот блок чии високи функционери не се „побегуљи”! Бегалци, избегани од земјата со целосна поддршка од сопствената партија. Ниту една партија не го обвини својот избеган висок функционер за криминалот направен во Македонија!

Актуелната градоначалничка на Град Скопје беше предложена од актуелниот премиер. Нејзиниот мандат, Градот Скопје го доживеа (преживеа) најлошиот градоначалнички период. Години на дисфункционалност.

Проблемот и вината не е во актуелниот градоначалник, туку во тој што ја предложил.

Дали некој од овие високи политичари за лошите предлози ќе сносат одговорност? Ако одговорноста е навистина синоним за чесност, тогаш чесните треба да си го обелат образот. За жал, одговорноста на политичкиот субјект и неговата партијата не се практикува во нашето секојдневие. Се работи за гола и сурова битка за освојување власт, а власта на централно и локално ниво значи контролирање на финансиите кои се собираат од нас граѓаните. Токму контролата на финансиските средства на централно и локално ниво е базичниот извор на организираниот криминал и корупција.

Како оштетен од матичната држава со стечајот на Еуростандард банка, полни 5,5 години барам да се најде виновникот за овој злостор. Сите правни и физички лица се обештетени од стечајната маса. Само јас сѐ уште имам замрзнат имот и натаму се води истрага од Јавното обвинителство.

Свесен сум дека ја плаќам цената на мојата слободоумност, бидејќи неправда и лажни ветувања не сакам.

Актуелната Влада најави отворена борба против организираниот криминал и корупција. Минаа блиску 1,5 година од нивниот мандат без резултати. Што е најбитно, целата централна власт, која треба да се бори против организираниот криминал и корупција, неколку месеци наназад е вклучена во изборот на градоначалници и советници во општините во Македонија.

Ве прашувам вас, кој е интересот на централната власт толку длабоко да влезе во кампањата за избор на градоначалници и советници? Бидете убедени дека единствениот интерес е контрола на буџетите во локалната самоуправа. Со ваквиот чин Владата губи драгоцено време во решавање на вистинските проблеми во земјата. Им посветува време само на местата каде што се буџетските средства. Очигледно е дека власта е сласт. Слатки се буџетските средства.

За жал, сомнежот се повеќе ме јаде. Верував во оваа Влада дека ќе отвори вистински фронт за борба против организираниот криминал и корупција. Не се преземаа никакви мерки за избеганите високи функционери од страна на СДСМ и ДУИ, па и за екс премиерот од ВМРО-ДПМНЕ. Требаше до сега да излезат пред лицето на правдата.

Како можам да очекувам дека правдата ќе завладее во Македонија, не само за мене туку и за останатите граѓани, кога и за најсилните политички криминалци не се преземаат мерки за нивно враќање и носење пред судот на правдата?

Во случајот со стечајот на Еуростандард банка многу тешко го доживувам фактот што сторителите на овој грозоморен чин и денес се слободни и почитувани граѓани во нашата држава.

Госпоѓата Бежоска , поранешен Гувернер на Народна банка има прекрасна професионална биографија и ,,мува не ја лази” за сторениот злостор. Убеден сум дека ќе се вдоми во некоја од светските финансиски организации како експерт за забошотување. Каде сум јас, без лажна скромност, најголемиот донатор во мојата татковина во сите времиња на слободна Македонија , докажан на сите полиња во општествениот живот преку дела кои вредат повеќе десетици милиони евра?

Современиот свет вакви личности издига на пиедестал заради својата хуманост и љубов кон татковината. Јас добив чемер и јад.

Жално е. Ние Македонците сами си ги уништуваме сопствените чеда. Нација и држава не се гради без личности со силен авторитет во сите сфери на нашето живеење.

За жал проклетието меѓу нас Македонците е некое наследство кое тешко можам да го разберам!

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close