ДКСК: Извештаи за примени донации доставија 35 отсто од вкупниот број на учесници во изборната кампања
Од ДКСК велат дека сите 19 коалиции ги доставиле своите извештаи за донации. Исто така, примени се 18 извештаи од политичките партии и 24 извештаи од независни кандидати поддржани од група избирачи, а по истекот на рокот пристигнале уште два извештаи од политички партии
Само 35 отсто од вкупниот број учесници во изборната кампања за локалните избори закажани за 19 октомври, ги поднеле до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) извештаите за примени донации.
Од ДКСК велат дека согласно Изборниот законик, учесниците во изборната кампања, во законски утврдени рокови, имаат обврска да поднесуваат извештаи за примените донации во текот на изборниот процес и вкупен финансиски извештај со податоци за вкупните приходи и расходи за кампањата.
„Согласно рокот за доставување на Извештај за примени донации на трансакциска сметка за изборна кампања, за период од отварање на сметката до 11-от ден од изборната кампања односно заклучно со 09.10.2025 година до 24 часот, до ДКСК доставени се вкупно 61 извештаи, што изнесува нешто над 35 отсто од вкупниот број на учесници во изборниот процес“се вели во соопштението од ДКСК.
Од ДКСК велат дека сите 19 коалиции ги доставиле своите извештаи за донации. Исто така, примени се 18 извештаи од политичките партии и 24 извештаи од независни кандидати поддржани од група избирачи.
По истекот на законски утврдениот рок, до ДКСК пристигнале уште два извештаи од политички партии.