Писателката Билјана Црвенковска со две претставувања на саемот во Франкфурт

На саемот на книга во Франкфурт, кој годинава се одржува од 15 до 19 октомври, писателката Билјана Црвенковска ќе се претстави на два настана, односно на две читачки промоции со германското издание на нејзиниот прв роман за возрасни, „Девет приказни за госпоѓица Сит” (Die Neun Monde Der Miss Sith).

Романот, кој е во издание на реномираниот германски издавач „Мителдојчер Ферлаг” (Mitteldeutscher Verlag), прогласен за издавач на годината во Германија во 2025, првпат беше претставен на саемот на книга во Лајпциг во март годинава.

Преведувачка на делото е Корнелија Маркс, славистка и македонистка која зад себе има сериозен број преводи на прозни и поетски дела од Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина…

 

Во рамки на официјалната програма на саемот на книга во Франкфурт, Црвенковска ќе има двочасовно читање и разговор за романот во женскиот центар Frauentreff F132 во четврток, на 16 октомври во 18 часот, а следниот ден, в петок, на 17 октомври, во 10 часот, ќе се претстави на сцената на независните германски издавачи во саемскиот комплекс.

Разговорот со Црвенковска ќе го води новинарката и критичарка Клара Струбе. Црвенковска ќе биде гостин и на штандот на Мителдојчер ферлаг, каде што е изложено и германското издание, додека македонското издание и сите негови преводи, вклучително и работниот превод на англиски, ќе бидат изложени на штандот на „Македонската асоцијација на издавачи”.

Делата на Црвенковска се вклучени и во двата каталози кои „Македонската асоцијација на издавачи” ги подготви за саемот на книга во Франкфурт: каталогот каде се претставуваат македонските автори на проза и поезија, како и во каталогот за литература за деца, чија насловна страница е илустрација на Катерина Николовска од книгата „Тигар на улица”, а според текст на Црвенковска, книга која влезе во престижниот каталог „Бели гаврани” (White Ravens) во 2023 година.

Романот „Девет приказни за госпоѓица Сит” (Чудна шума, 2019) „е обмислен и внимателно структуриран роман. Функционира и како збирка раскази и како роман составен од една основна приказна-рамка што содржи девет други приказни, низ кои се провлекуваат неколку заеднички лајтмотиви. Тивкото чекорење на мачката – вистинска, замислена, симболична – но и нејзините ненадејни појавувања ги врзуваат во цврста композиција нишките од наративните месечеви мени и фуги. Во расказите се прикажани ситуации во кои сите протагонистки се наоѓаат на некаков крстопат, ситуација во која мора да донесат тешка одлука.” (Калина Малеска, рецензентка).

Романот беше финалист за наградата „Роман на годината” што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски” за 2019 година, а досега е преведен на три јазика: германски, украински и српски.

Back to top button
Close