Фон дер Лајен во Скопје – што се очекува од посетата?

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која е во посета на Западен Балкан, најави дека во регионот доаѓа со два проекти – фабрики за вештачка интелигенција во Северна Македонија и во Србија.

Станува збор за проширување на програмата „Фабрички антени за вештачка интелигенција“ (АИФА) во седум земји членки и шест партнери на ЕУ, меѓу кои и во Северна Македонија.

„Можам да објавам дека ќе ги отвориме нашите фабрики за вештачка интелигенција за Западниот Балкан. Ќе започнеме со две антени во Северна Македонија и Србија, со што воведуваме брз дигитален ‘рбет низ целиот регион што ќе им овозможи на компаниите во сите шест партнери да се поврзат со овие фабрики“, изјави Фон дер Лајен во обраќање на Инвестицискиот форум во Тирана.

Ова, според Фон дер Лајен, ќе значи дека компании од Западниот Балкан ќе можат да пристапат до европската инфраструктура за вештачка интелигенција. „Со други зборови, компјутерската моќ на Унијата ќе биде на ваша услуга. Бидејќи сакам иднината на вештачката интелигенција да се создаде во Европа, сакам Западниот Балкан да биде во неговото јадро“, рече Фон дер Лајен.

Програмата АИФА е проширена и во членките на ЕУ – Белгија, Ирска, Кипар, Летонија, Малта, Словачка и Унгарија, како и во Велика Британија, Исланд, Молдавија, Србија и Швајцарија. ЕК соопшти дека кон европската инфраструктура за вештачка интелигенција се приклучиле шест нови фабрики за вештачка интелигенција, со што нивниот вкупен број опфатен со мрежата се искачи на 19 во 16 земји членки на ЕУ.

Мицкоски: „Навистина сум возбуден и среќен“

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е задоволен од најавите дека ќе се отвори центар за вештачка интелигенција во земјата. Според него, станува збор за проект, кој го туркала Владата, односно Министерството за дигитална трансформација.

„Тоа е нешто супер за граѓаните во Македонија, бидејќи прв пат ќе користиме наши домашни ресурси. Тоа го правевме со факултетите ФЕИТ и ФИНКИ, и тоа е нешто за кое јас навистина сум возбуден и среќен“, рече Мицкоски и додаде дека станува збор за заедничко кофинансирање вредно околу пет милиони евра. Според него, тоа значи дека практично македонските студенти и експерти ќе можат да ги користат и црпат ресурсите, кои ги има самата ЕУ.

„Досега ги користевме искуствата и ресурсите од соседните држави отсега ќе имаме наш сопствен центар, кој ќе се занимава со вештачка интелигенција“, додаде Мицкоски.

 

Кои се очекувањата од посетата?

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, в среда (15 октомври) доаѓа во Скопје во рамки на најновата турнеја низ земјите од Западниот Балкан. За време на престојот во Скопје, таа ќе има одвоени средби со претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Според најавите на Европската комисија, турнејтаа ќе биде можност Фон дер Лајен да ја реафирмира поддршката на ЕУ за членство на земјите од регионот во Унијата, нивниот постепен пристап до Единствениот европски пазар, како и да разговара за спроведувањето на Планот за раст на Западниот Балкан.

Премиерот Христијан Мицкоски во пресрет на посетата ги соопшти неговите очекувања од разговорите со претседателката на ЕК. Тој очекува реафирмирање на позицијата дека нашата стратешка цел останува полноправното членство во ЕУ, при што се надева дека во тој процес ќе има испорака и од страна на Унијата.

„Некако изминативе 25 години како полека да го изгубивме образот, чекорејќи по тој пат, како малку да остана од тоа достоинство и од тој образ чекорејќи кон тој пат. Се надевам дека ќе има испорака и од страна на ЕУ, за барем малку да го зачуваме образот пред да влеземе, затоа што со изгубен образ и достоинство ниту на нив нема да им вршиме работа, а оваа Влада нема намера повеќе да губи од достоинството и образот“, порача Мицкоски.

Претходно премиерот рече дека ќе разговара со Фон дер Лајен и за можноста и македонските граѓани да поминуваат на брза лента при пасошка контрола. Оваа тема, според него ќе се отвори и за време на Берлинскиот процес, откако ЕУ воведе нов систем на контрола на граничните премини за државјани од земјите надвор од Шенген-зоната. Со него, дигитално се бележат податоците за влез и излез на државјани од т.н. трети земји и го заменува досегашното рачно ставање печати во патните исправи. (Dw)

Back to top button
Close