Во скопските општини втор круг во Аеродром, Центар, Карпош и во Шуто Оризари, останатите 6 добија градоначалници

Според податоците објавени на веб-страницата на Државната изборна комисија, во повеќето скопски општини обработени се 100 отсто од избирачките места, а кај четири општини недостасуваат податоците уште од неколку места.
Градоначалници во првиот круг имаат избрано граѓаните од скопските општини Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Сарај, Чаир.
Во вториот круг трката за освојување градоначалничка функција ќе биде во четири скопски општини – Аеродром, Центар, Карпош и Шуто Оризари.
После првиот круг во Општина Аеродром, каде се обработени 99,90 отсто од избирачките места, води канидатот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен в.д. градоначалник Дејан Митески со 49,09 отсто од гласовите на скопјани или 16 225 гласа. Зад него е Александар Трајановски од СДСМ кој има 20,79 отсто или 6 872 гласа.
Во Општина Центар, во првиот круг од обработени 99,86 отсто од избирачките места, најмногу гласови има кандидатот на СДСМ, кој е и актуелен градоначалник, Горан Герасимовски кој има освоено 38,21 отсто од гласовите и 8 525 гласа. Зад него е Мирослав Лабудовиќ од движењето ЗНАМ- За наша Македонија, кој имаше поддршка од владејчката ВМРО-ДПМНЕ и кој има 25,53 отсто или 5 695 гласа. Ова се и двајцата кандидати што ќе одат во вториот круг.
Трета скопска општина каде што ќе има втор круг е Карпош. Таму според податоците на ДИК од обработени 100 отсто од гласачките места во првиот круг, на 2 ноември ќе продолжат кандидатот на ВМРО_ДПМНЕ, Сотир Лукровски и актуелниот градоначалник од коалицијата Искуство за успех, Стевчо Јакимовски. Лукровски во првиот круг води со освоени 34,51 отсто или 10 284 гласа наспроти Јакимовски кој има 29,40 проценти или 8 761 глас.
Во Шуто Оризари во вториот круг ќе бидат актуелниот градоначалник Курто Дудуш од Унија на Роми и Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ. Дудуш во првиот круг од обработени 99,66 отсто од избирачките места има освоено 36,57 отсто или 3 217 гласа. Демир, пак, има освоено 20,69 отсто или 1 820 гласа.
Втор круг од локалните избори ќе има и за Град Скопје. Таму во вториот круг ќе бидат кандидадот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски и актуелниот пратеник на Левица во Собранието, Амар Мециновиќ.
Според последните ажурирани податоци на Државната изборна комисија, објавени утрово во 7 часот на нивната веб-страница, од обработени 100 отсто од избирачките места во главниот град, Ѓорѓиевски е прв со освоени 39,43 отсто од гласовите на скопјани или 91 582 гласа, додека кандидатот на Левица, Мециновиќ има освоено 13,20 отсто од гласовите или во апсолутни бројки, 30 659.