Земјите членки на ЕУ ја усогласија преговарачката позиција за Регулативата за прекин на увозот на руски енергенси

Советот на ЕУ денеска постигна договор за преговарачката позиција на земјите членки за Предлог-регулативата за прекин на увозот на руски енергенси, откако во четвртокот документот со огромно мнозинство беше одобрен од комитетите за индустрија, истражување и енергетика и за меѓународна трговија на Европскиот парламент .

– Енергетски независна Европа е посилна и побезбедна Европа. Иако последниве години работевме напорно и се залагавме за да се ослободиме од рускиот гас и нафта од Европа, се уште не ја постигнавме целта, изјави данскиот министер за клима, енергија и комунални услуги Ларс Агард.

Според него, со усвојување на предложената регулатива дефинитивно ќе му се оневозможи на рускиот гас да влегува во ЕУ.

Целта на Регулативата е да се стави крај на зависноста на Унијата од руските енергенси и да се спречи во иднина Русија да ги користи гасот и нафтата како средство за притисок.

Со предложената регулатива се предвидува од 1 јануари 2026 година да почне постепената забрана за увоз на руски енергенси, со што од 1 јануари 2028 година би уследила целосна забрана за увозот на природен гас и течен природен гас (ЛНГ) од Русија. Во овој период би продолжил увозот договорен пред 17 јуни 2025 година и тоа до 17 јуни 2026 година за краткорочните договори и до 1 јануари 2028 година за долгорочните.

Според предложените правила, енергетските оператори ќе можат да се повикаат на „виша сила“ за да ги раскинат договорите за увоз на руски енергенси, бидејќи „правно обврзувачката забрана за понатамошен увоз, како што е предвидено со оваа нова регулатива, експлицитно е дефинирана како суверен акт надвор од нивна контрола“.

Предлогот предвидува и дополнителни механизми за мониторинг за да се спречи влез на руски гас во ЕУ, за кој е предвидено само да транзитира низ територијата на Унијата на пат кон друга дестинација.

Со Регулативата се бара и од земјите членки да изработат национални планови за диверзификација на увозот во гас и нафта од Русија.

Сега ќе следи нова рунда преговори меѓу Советот на ЕУ и Европскиот парламент за усогласување на конечната верзија на текстот на регулативата, откако и двете институции предложија измени во оригиналниот предлог на Европската комисија.

Back to top button
Close