Вајц: Се надевам дека по изборите ќе бидат „направени уставните измени за вклучување на бугарската заедница во Уставот како малцинство“

Македонската Влада полека, но сигурно, ги спроведува агендите поврзани со малцинствата, безбедносните прашања, коридорите и другите прашања, со што има одреден напредок, но засега се уште ни недостига вистински пробив за напредок на европскиот пат, изјави известувачот на Европскиот парламент за земјава, австрискиот европратеник Томас Вајц.

– Северна Македонија се уште е блокирана од Бугарија. За жал, има многу прашања поврзани со идентитетот што го блокираат нејзиниот напредок, истакна Вајц во изјава за Европската новинска редакција (ЕНР), од која дел е и МИА.

Вајц изрази надеж дека по локалните избори ќе бидат „направени потребните уставни измени за вклучување на бугарската заедница во Уставот како малцинство“.

– Тоа ќе го отвори патот за вистинско започнување на преговорите. Мислам, таа сега е земја опфатена со пристапниот процес, но всушност ги немаме започнато преговорите. Треба да ги започнеме наскоро за да ја одржиме земјата на вистинскиот пат, додаде Вајц.

Во однос на останатите земји кандидати за членство во ЕУ од Западниот Балкан, Вајц посочи дека Црна Гора има шанса да стане 28 членка на Унијата до 2029 година бидејќи брзо ги спроведува реформите, а неа ја следи и Албанија, која покрај во реформскиот процес напредува и во борбата против корупцијата и во владеењето на правото.

За Босна и Херцеговина, Вајс вели дека е во тешка ситуација поради нестабилноста и „недостигот на модерна граѓанска држава“, додека Србија и Косово ќе мора да се помират и да се признаат меѓусебно или во спротивно ќе останат блокирани на нивниот пат кон Европската Унија.

– За жал, патот за Србија не е блокиран само поради старата приказна со Косово, туку и поради сегашното назадување кога станува збор за владеењето на правото и демократските стандарди. Политиката што ја води сегашната (српска) Влада не ги подобрува демократските стандарди, туку спротивното. Не ја зголемува слободата на медиумите, туку спротивното. Ја намалува и независноста на правосудството, изјави Вајц.

Според него, на овој начин Србија станала „еден вид заробена држава“, при што државните институции се главно заробени од партијата на српскиот претседател Александар Вучиќ.

 

– Но, ако сакаме да го внесеме регионот во Европската Унија и ако сакаме да го помириме, мора да разговараме со Србите. Тоа, според мене, не ја вклучува секогаш српската Влада, бидејќи се сомневам дека Владата на Александар Вучиќ навистина сака да се приклучи кон Европската Унија, вели европратеникот од редовите на Зелените.

Вајц додава дека Вучиќ прави нешто што тој лично „не би му го препорачал на ниту еден политичар“ – седи не само на две, туку на најмалку три столчиња.

– Не знам дали претпочита наклоност кон Кина, кон Русија или кон Европската Унија, или пак можеби само кон „српскиот свет“, што би сакал да го изгради со вклучување и на некои делови од соседните земји, додаде Вајц во изјавата.

Back to top button
Close