Тачи ги повика Албанците во Црна Гора да излезат на избори

 Претседателот на Косово Хашим Тачи ги повика Албанците во Црна Гора да го искористат своето гласачко право и да излезат масовно на парламентарните избори што во таа земја ќе се одржат в недела, на 30 август, јави дописникот на МИА од Приштина.

Преку својата страница на Фејсбук, Тачи им порача на сонародниците во соседната држава со нивниот глас „да ја зајакнат политичката стабилност, мирот и безбедноста во цел Западен Балкан“.

– Албанците во Црна Гора треба да учествуваат масовно на неделните избори. Тие претставуваат мошне значаен момент за јакнење на европската ориентација на нашата пријателска држава. Ги повикувам сите наши сонародници да го искористат нивното право да изберат и да ја зајакнат политичката стабилност, мирот и безбедноста во цел Западен Балкан, напиша Тачи.

Пет партии на Албанците во Црна Гора на овие избори ќе настапат обединети во коалиција насловена Албанска листа.

Back to top button
Close