Спасени 96 мигранти по потонатиот брод западно од грчкиот остров Халки

 Вкупно 96 лица се спасени во акцијата западно од грчкиот остров Халки, во меѓународните води, но во надлежност на грчката крајбрежна служба, по бродот што потона вчера попладне, а меѓу спасените се и тројца криумчари кои се уапсени, јави дописничката на МИА од Атина.

Од 96-те лица, 19 биле спасени од турската крајбрежна служба, а останатите 77 пренесени на островите Карпатос и Родос.

Поради пандемијата на Ковид-19, сите лица биле тестирани за коронавирусот и сместени во специјален хотел карантин.

Од Министерството за поморство на Грција соопштуваат дека станува збор за една од поголемите успешни спасувачки акции поради големиот број спасени лица,  поради тоа што голем дел од спасените, меѓу кои и деца не носеле елеци за спасување, но и поради тоа што акцијата се водела во ноќните часови.

[embedded content]

Како што утрово објави МИА, во спасувачката акција учествувале четири патролни бродови, еден спасувачки брод, еден од воената морнарица и четири трговски бродови кои во тој момент биле во конкретната област, додека пак биле вклучени и два хеликоптери. /

Back to top button
Close